ҽ

Pope Francis' Angelus prayer in Vatican

Ангел Господов: Вистинската љубов е бесплатна

Исус ги сакаше сите слободно затоа што не бараше консензус; дали ние сме исто така слободни? Папата Фрањо го предложи ова прашање во своето размислување во пладневното обраќање пред молитвата Ангел Господов на 9 јуни 2024 година, пред околу 15.000 верници собрани во плоштадот Свети Петар. Да не дозволиме да бидеме „заробени“ од митови како парите и успехот, туку да го следиме Исус кој „секогаш се става на страната на најмалите, учејќи ги своите ученици да го прават истото“.

ПАПА ФРАЊО

АНГЕЛ ГОСПОДОВ

Плоштад Свети Петар

недела, 9 јуни 2024 година

Драги браќа и сестри, ви посакувам пријатна недела!

Евангелието од денешната Литургија (сп. Марко 3,20-35) ни зборува откако Исус го започна своето јавно делување, како се нашол соочен со двојна реакција: неговите роднини, кои биле загрижени и стравувале дека тој полудел, и онаа на верските власти, кои го обвинија дека дејствува со силата на кнезот демонски. Исус, всушност, проповедал и лекувал болни со силата на Светиот Дух. А Духот беше тој што го направи божествено слободен, односно способен да сака и да служи без мерка и без условување. Исус е слободен. Да се задржиме накратко и да размислуваме за таа Исусова слобода.

Исус бил слободен од богатство: затоа ја напуштил сигурноста на неговото село, Назарет, за да прифати сиромашен живот полн со неизвесност (сп. Матеј 6,25-34), бесплатно лекувајќи ги болните и секој што доаѓал да побара помош, без да бара нешто за возврат (сп. Матеј 10,8). Ова е слободата на Исусовата служба. Тоа воедно е бесплатноста на секое служење.

Бил слободен од моќта: иако мнозина повика да го следат, тој никогаш не присилуваше никого да го стори тоа, ниту пак бараше поддршка од моќниците, туку секогаш беше на страната на најмалите, учејќи ги своите ученици да го прават истото, како што тој прави (сп. Лука 22,25-27).

На крајот, Исус бил слободен од барањето слава и одобрување, и затоа никогаш не се откажал да ја зборува вистината, дури и по цена да биде погрешно разбран (сп. Марко 3,21), да биде непопуларен, па дури и да завршил со смрт на крстот, не дозволувајќи ништо или некој да го заплаши, купи или корумпира (сп. Матеј 10,28).

Исус бил слободен човек. Слободен од богатството, слободен од моќта, слободен од потрагата по слава. А тоа е важно и за нас. Имено, ако дозволиме да бидеме условувани со барање задоволство, моќ, пари или одобрување, стануваме робови на тоа. Ако дозволиме Божјата бесплатна љубов да не исполни и да ни го прошири срцето и ако дозволиме спонтано да се излее дарувајќи ја на другите, со целото наше битие, без стравови, пресметки и условувања, тогаш растеме во слободата и го шириме нејзиниот добар мирис околу нас.

Затоа, можеме да се запрашаме: дали сум слободна личност? Или дозволувам да бидам заробен од митовите за пари, моќ и успех, жртвувајќи го својот сопствен мир и спокојството, но и на другите? Ширам ли свеж здив на слобода, искреност, спонтаност во средини каде што живеам и работам?

Дева Марија нека ни помогне да живееме и да љубиме како што нè научи Исус, во слободата на Божјите деца (сп. Римјаните 8,15.20-23).

 

13 јуни 2024, 15:00

Што е Ангел Господов

Ангел Господов е молитва која се моли три пати на ден во спомен на вечната Тајна на Овоплотување: во 6 часот наутро, точно напладне и навечер околу 18 часот, во моментот кога бие камбаната за Ангел Господов. Името Ангел Господов произлегува од првиот стих на молитвата – Ангел Господов ја поздрави Марија – која се состои од кратко читање на три едноставни текста кои се однесуваат на Овоплотувањето на Исус Христос и молење на три Радувај се Маријо. Оваа молитва ја моли Папата на плоштадот Свети Петар точно напладне во недела и за време на големите празници. Пред молењето на Ангел Господов, Папата има и еден мал наговор поврзан од дневните читања. Потоа следат поздрави до поклониците. Од Велигден па сѐ до Духовден, наместо Ангел Господов се моли Царице Небесна, која е молитва во спомен на Воскресението Христово, на крајот од истата се моли три пати Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Последниот Ангел Господов / Царице Небесна

Прочитајте сé >