ҽ

2024.05.29 Udienza Generale

Генерална аудиенција: Човекот продолжува да создава хаос во светот

„Постои надворешен хаос - социјален и политички хаос: да помислиме на војните, на многу момчиња и девојчиња кои немаат што да јадат, на бројни социјални неправди - но има и внатрешен хаос во секој од нас. Првиот не може да се исцели, ако не почнеме да го лекуваме другиот!“ Во катехезата на Генералната аудиенција, папата Фрањо размислува за делото на Светиот Дух при создавањето и за преобразувањето на срцата, внесувајќи хармонија и ред каде претходно имаше темнина и збунетост.

Папата Фрањо во среда 29 мај 2024 година го започна циклусот катехези на тема „Духот и Свршеницата“. Светиот Дух го води Божјиот народ кон Исус, нашата надеж“. Тој најави дека во текот на оваа серија катехези ќе размислува за три големи периоди од историјата на спасението: Стариот Завет, Новиот Завет и времето на Црквата.

Тој истакна дека во првата катехеза заедно ќе откријат дека она што е дадено како ветување во Стариот Завет е целосно исполнето во Христа и дека тоа е како да го следиме движењето на сонцето од утро до пладне.

Во првата катехеза со наслов „Духот Божји лебдеше над водите“, Светиот Отец потсети на првите два реда од Библијата. Нагласи дека Божјиот Дух се јавува како таинствена сила со која светот преминува од својата почетна безоблична, пуста и темна состојба во неговата уредна и хармонична состојба. Со други зборови, Он овозможува да се премине од хаос во космос, односно од збунетост во нешто убаво и уредено.

Осврнувајќи се на Светиот Дух во Новиот Завет, Папата потсети на зборовите на апостол Павле дека вселената „воздивнува и се мачи во породилни болки“, како и дека страда поради човекот кој подлегна на „ропство на распадливоста“. „Тоа важи за денес како и тогаш. Го гледаме пустошот што човекот го создаде и продолжува да го создава во создадениот свет, особено оној дел што има најголем капацитет за искористување на своите ресурси“.

Нашиот повик е да бидеме во светот за пофалба на славата Божја, истакна Светиот Отец, нагласувајќи дека радоста на контемплацијата треба да се претпостави на поседувањето, земајќи го за пример Свети Фрањо Асишки затоа што никој не се радува на созданијата повеќе од оној кој не сака да поседува ништо.

Браќа и сестри, Божјиот Дух, кој на почетокот го претвори хаосот во космос, е на дело, за да ја изврши таа преобразба кај секој човек. Преку пророкот Езекиел Бог ветува: „ќе ви дадам ново срце, и нов дух ќе ви дадам!... „ќе го внесам во вас Мојот дух“ (Езекиел 36, 26-27). Затоа што нашето срце е како таа пуста и темна бездна од првите редови на книгата Битие. Во нас се мешаат спротивни чувства и желби: физички и духовни. Сите сме, во извесна смисла, тоа „царство поделено во себе“ за кое Исус зборува во Евангелието (сп. Мк 3,24).

Светиот Отец забележа дека во секој од нас владее надворешен хаос – социјален и политички, но и внатрешен хаос. Првиот не може да се излечи ако не почнеме да го лекуваме вториот. Посака ова размислување да ја разбуди кај секој човек желбата да се искуси Духот, кој создава. 

Папата Фрањо ги поздрави полските ходочесници, сеќавајќи се на блажениот кардинал Стефан Вишински, нарекувајќи го пример на верност кон Христос и Богородица. „Да се поучиме од него на великодушност како одговор на сиромаштвото на нашето време, вклучително и сиромаштвото предизвикано од војните во многу земји“ и повторно апелираше: Нека престанат војните!

Светиот Отец се помоли за жртвите од големото свлечиште што затрупа неколку села во Папуа Нова Гвинеја и потсети дека денеска Црквата го слави литургискиот спомен на Свети Павле VI. Посака овој споменик да им помогне на сите повторно да ја откријат радоста на христијанството, поттикнувајќи ја обновената посветеност за градење цивилизација на љубовта.

 

31 мај 2024, 08:44

Последни Ауденции

Прочитајте сé >