ҽ

Pope Francis' Regina Coeli prayer

Царице небесна: Откажете се од злобата и подлоста за да ја достигнете целта на вечниот живот

„Денес во Италија и во други земји се слави празникот Вознесение Господово. Во Евангелието на светата Литургија се вели дека Исус, откако ќе им довери на апостолите да го продолжат неговото дело и дека „се вознесе на небо и седна од десната страна на Бога“, рече папата Фрањо на 7. Воскресна недела во обраќањето пред молитвата „Царице небесна“.

Исусовото враќање кај Отецот не ни се прикажува како одвојување од нас, туку како претходник на патот кон целта. Тоа е како кога се искачувате на врвот од планината: одите, тешко е, и одеднаш, зад кривината на патеката, хоризонтот се отвора пред вас и гледате панорама. Тогаш целото тело наоѓа сила да се соочи со последното искачување. Целото тело - рацете, нозете и секој мускул – се напнати и се фокусирни на иста цел: да се искачиме врвот, истакна Светиот Отец.

А ние, Црквата, сме токму тоа тело што Исус, кој се вознесе на Небото, го влече со себе како со „јаже“. Тој е оној кој со Своето Слово и благодатта на Светите Тајни ни ја објавува и соопштува убавината на татковината кон која чекориме. Така и ние, неговите членови, радосно се воздигнуваме заедно со него, нашите делови, знаејќи дека чекорот на еден е чекор за сите и дека никој не треба да се изгуби или остави зад себе, бидејќи сме едно тело.

Чекор по чекор, скала по скала, Исус ни го покажува патот. Папата праша: Кои се чекорите што треба да се преземат? Во денешното Евангелие се вели: „Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание. Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен; а кој не поверува, ќе биде осуден“; со еден збор, да правиме дела на љубов: да даваме живот, да внесуваме надеж, да се чуваме од секаква злоба и подлост, да одговориме на злото со добро, да покажуваме близина со оние што страдаат. И колку повеќе го правиме тоа, толку повеќе дозволуваме да бидеме преобразени од неговиот Дух, толку повеќе го следиме неговиот пример и уште повеќе: како во планина, чувствуваме дека воздухот околу нас станува посветол и почист, хоризонтот широк и целта се приближува, зборовите и гестовите стануваат добри, умот и срцето се прошируваат и дишат.

Затоа, можеме да се запрашаме: Дали во мене е жива желбата за Бога, за неговата бескрајна љубов, за неговиот живот, кој е вечен живот? Или сум „земски“ и цврсто приврзан за минливи работи, за пари, за успех, за задоволства? И дали мојата желба за небото ме изолира, ме затвора или ме наведува да ги сакам моите браќа со голема и несебична душа, да ги доживувам како сопатници на патот кон небото?

Светиот Отец ја повика Небесната Мајка Марија, која веќе стигна до целта, да ни помогне заедно со радост да чекориме кон небесната слава.

 

13 мај 2024, 09:23

Што е Царице небесна?

Антифонот Царице небеска (Regina Caeli) е еден од четирите маријански антифони (другите се Alma Redemptoris Mater, Ave Regina Coelorum и Salve Regina).

Папата Бенедикт XIV, во 1742 година, ја пропиша офаа молитва да се моли наместо Ангел Господов, како знак за победа над смртта, за време на Воскресното време, односно од неделата на Воскресение до денот на Педесетницата.

Како и Ангел Господов, и оваа молитва се моли трипати на ден: наутро, напладне и на зајдисонце, и на тој начин денот го посветуваме на Бог и на Марија.

Овој многу стар антифон датира, според една побожна традиција, од VI или X век, додека нејзиното распространување е документирано во XIII век, кога станува дел од Фрањевскиот часослов. Молитвата се состои од четири кратки стихови од кои секој завршува со Алилуја, и истата претставува молитва што верниците ја упатуваат до Марија, небесната Царица, и така заедно со неа се радуваме за Воскресението.

Папата Фрањо, на 6 април 2015 година, токму за време на молитвата Царице небесна на вториот ден од Велигден, даде совет за тоа каква треба да биде состојбата на срцето кога се моли оваа молитва:

„ ...Се обраќаме кон Марија поканувајќи ја да се зарадува, бидејќи Оној што го носеше во утробата воскресна како што вети и така се доверуваме на нејзиното застапништво. Всушност, нашата радост претставува еден отсјај на радоста на Марија, бидејќи Таа е онаа што ги зачувала и ги чува со вера настаните на Исус. Значи, ја молиме оваа молитва со чувство на деца кои се среќни, бидејќи нивната Мајка е среќна“.

Последниот Ангел Господов / Царице Небесна

Прочитајте сé >