ҽ

2024.01.17 Udienza Generale

Генерална аудиенција: Прифатете ја чистотата на љубовта, внимавајте на порокот на страста

Папата Фрањо на Генералната аудиенција на 17 јануари 2024 година повика да ја прифатиме чистотата на љубовта и да се спротивставиме на страста што води кон празнина и ропство.

Фокусирајќи се на темата за страста како дел од серијата катехези на Генералната аудиенција за пороците и крепостите, Папата истакна дека страста е еден вид „лакомост“ за друга личност, односно затруена врска што човечките суштества ја одржуваат меѓусебно, посебно во областа на сексуалноста.

Тој нагласи дека во христијанството нема осуда на сексуалниот нагон, но, како што рече, оваа „убава димензија на нашата човечност не е ослободена од опасност“. Осврнувајќи се на искуството од заљубување, тој рече дека тоа е една од најизненадувачките реалности во животот. „Ако не се извалка со порок, заљубувањето е едно од најчистите чувства. Вљубениот човек станува великодушен, ужива да дарува, пишува писма и песни. Престанува да мисли само за себе и целосно се свртува кон другата личност“.

Меѓутоа, злиот дух на страста ја расипа таа „градина во која чудата се множат“. Овој порок, рече Папата, е „особено одбивен“ од две причини.

Најпрво затоа што ги уништува односите меѓу луѓето. Крепоста чедност, објасни папата Фрањо, не треба да се меша со воздржувањето од сексуални односи, туку тоа е желба другиот никогаш да не се поседува.

„Да сакаш значи да го почитуваш другиот, да ја бараш неговата среќа, да негуваш емпатија кон неговите чувства, да бидеш подготвен да запознаеш едно тело, психологија и душа што не се наши и кои треба да се почитуваат поради убавината со која се украсени. Тоа е љубов, љубовта е убава. Похотата, пак, се подбива со сето тоа: плени, одзема, набрзина конзумира, не сака да го слуша другиот, туку само своите потреби и задоволства; На страста ѝ е здодевно секое додворување, не ја бара таа синтеза меѓу разумот, нагонот и чувствата што би ни помогнале да живееме мудро“.

Похотливите луѓе бараат само кратенки, додаде тој. Тој не разбира дека по патот на љубовта треба полека да се оди.

Понатаму, меѓу сите човечки задоволства, сексуалноста има силен глас, кој ги вклучува сите сетила. Ако трпеливо не се дисциплинира, ако не е вткаена во врска и приказна каде што двајца поединци го претвораат во љубовен танц, се претвора во синџир што му ја одзема слободата на човекот. Сексуалното задоволство е поткопано од порнографијата, задоволство без однос што може да доведе до форми на зависност, предупреди Папата.

Изборете победа во битката против страста, против претворањето на човекот во предмет, работа, може да биде доживотен потфат. Но, наградата освоена во таа битка е најважна од се, бидејќи се работи за зачувување на таа убавина што Бог ја впиша во своето создание кога ја замислил љубовта меѓу мажот и жената, таа убавина која ни помага да веруваме дека е подобро заедно да изградиме една историја, отколку да се впуштаме во лов на авантура, дека е подобро да се негува нежност отколку да се препушти на лошиот дух на поседување, дека е подобро да се служи отколку да се освојува, заклучи Светиот Отец.

17 јануари 2024, 22:54

Последни Ауденции

Прочитајте сé >