ҽ

FILES-NICARAGUA-VATICAN-RELIGION-EXCARCERATION

Никарагва: Ослободени бискупите Алварез и Мора со свештениците

Владата на Никарагва го потврди ослободувањето на бискупот од Матагалпа, монс. Алварез, кој беше во притвор без судска постапка од 2022 година, заедно со бискупот од Сиуна, двајца богослови и 15 други свештеници

Ослободени се бискупот од Матагалпа, монсињор Роланд Хозе Алварез Лагос, кој беше во притвор повеќе од една година, бискупот од Сиуна, монсињор Исидоро дел Кармен Мора Ортега, двајца богослови и 15 свештеници. Владата на Никарагва ослободи вкупно 19 претставници на Католичката црква. Владините претставници во Манагва ја потврдија веста, која први ја објавија локалните медиуми.

Освен еден од ослободените кој остана во Венецуела, сите пристигнаа во Рим во недела на 14 јануари 2024 година. Сега се гости на Светиот Престол.

Бискупот на Матагалпа и Апостолски администратор на бискупијата Естели, монс. Алварез, кој беше осуден на 26 години затвор без соодветна судска постапка, се наоѓаше во затвор од февруари минатата година, откако претходно беше во домашен притвор од август 2022 година. Епископот Сиунски, монс. Исидор дел Кармен Мора Ортега беше уапсен во декември 2023 година.

Во пладневното обраќање по молитвата Ангел Господов на 1 јануари 2024 година, папата Фрањо изрази голема загриженост за бискупите и свештениците кои се лишени од слобода во таа централноамериканска земја. На сите им ја вети неговата близина и го повика целиот Божји народ да моли за ситуацијата во Никарагва, изразувајќи надеж дека секогаш ќе се бара патот на дијалог за надминување на тешкотиите.

Веќе во октомври минатата година, 12 свештеници од Никарагва беа ослободени од затвор. Тогаш Светиот Престол го прифати барањето да ги прими, посакувајќи им добредојде во Рим и им обезбеди сместување.

17 јануари 2024, 09:59