Папата: Да зборуваме за доброто; вмрежување против очајот и дезинформациите
„Христијанската комуникација покажува дека Царството Божјо е близу, овде и сега, и дека е како чудо што секој човек и секој народ може да го доживее. Царството Божјо доаѓа во вниманието што го посветуваме на другите и во грижата што ја даваме во исчитување на реалноста. Ни доаѓа и преку способноста да видиме и да сееме надеж за добро, а така да го победиме безнадежниот фанатизам“, нагласи Светиот Отец.
Светиот Отец ги потсети присутните медиумски работници дека „она што за нив е институционална служба е и повик на секој христијанин и секој крстен. Секој христијанин е повикан да види и раскаже добри приказни кои лошото новинарство сака да ги избрише, давајќи простор само на злото. Злото постои – тоа е вистина – и тоа не треба да се крие, но мора да се движиме, да поставуваме прашања и да бараме одговори“, предупреди Папата.
Затоа ги поттикна да ја зајакнат меѓусебната соработка, на континентално и универзално ниво, за да изградат поинаков модел на комуникација, поинаков по дух, креативност и поетска сила, која произлегува од Евангелието и кој е неисцрпен. „Кога комуницираме, ние сме творци на јазикот, но и создавачи на мостови. Комуникацијата што пренесува хармонија е конкретна алтернатива на новите вавилонски кули“, додаде Светиот Отец.
Ги потсети присутните на два збора: заедно и мрежа. Како што им рече, „само заедно можеме да ја пренесеме убавината која ја сретнавме: не затоа што сме вешти или имаме повеќе ресурси, туку затоа што меѓусебно се сакаме. Од ова имаме сила да ги сакаме дури и нашите непријатели, да ги вклучиме и оние кои згрешиле, да го обединат поделеното и да не очајуваме“, истакна Папата и ги повика сите да сеат надеж околу себе.
„За нас комуникацијата не е тактика или техника. Комуникацијата е чин на љубов. Само слободниот чин на љубов плете мрежи на доброто. Но мрежите мора да се негуваат и поправаат секој ден, трпеливо и верно“, додаде Светиот Отец и ја спомна мрежата како уште еден збор кој треба да се запамети.
„Тој збор, повеќе од социјалните, нè потсетува на рибарските мрежи и на повикот на Исус до Петар да стане рибар на луѓе. Затоа, „фрлањето мрежи“ е вештина за вмрежување, поврзување на знаењето и придонесите, за да можеме да информираме на соодветен начин и на тој начин да се спасиме од морето на очај и дезинформации. Да размислиме колку многу би можеле да направиме заедно, благодарение на новите алатки на дигиталната ера, па дури и на вештачката интелигенција, ако се трудиме повеќе да се вмрежиме – наместо да ја претвориме технологијата во идол?”
„Ништо не е изгубено; секогаш можеме да почнеме одново, потпирајќи се еден на друг и, сите заедно, на Бог! Ова е тајната на нашата комуникациска моќ. Светиот Отец ги охрабри присутните медиумски работници и потсети: „Католичката комуникација не е нешто посебно и не само за католиците. Католичката комуникација е отворен простор на сведоштво кој знае да ги слуша и препознае знаците на Царството.
„Да се запрашаме: дали нашите канцеларии се такви и дали нашите односи се такви? Нашата мрежа е гласот на Црквата што излегува од себе и сама ги наоѓа причините за својата надеж. Црквата мора да излезе од себе“, заклучи Светиот Отец.