ҽ

2024.07.18 Visita Centro Estivo  "Estate Ragazzi in Vaticano"

Папата Фрањо со децата во Летниот центар во Ватикан: Воспоставете мир; тоа е најубавото нешто во животот

Папата Фрањо секоја година ги посетува децата, аниматорите и вработените во летниот центар во Ватикан „Estate Ragazzi“. Овој пат во нов амбиент на спортските објекти на Центарот „Свети Јосиф“, отворен во јуни. Поздрав, молитви и краток разговор со неколку деца и млади за семејството, мирот, јубилејот: „Ви благодариме за духот на радоста.“

Поздрав, аплауз, смеа и молитви. Потоа, краток разговор со прашања и одговори на темите за мирот, кој е „најубавото нешто на светот“, за важноста на семејството и блискоста со бабите и дедовците кои помагаат да се најде патот, за подготовките за јубилејот, што треба да се остварува со радост која многу се разликува од „забавата“. Папата Фрањо повторно разговараше со децата и младите. Овој пат тоа беа децата на вработените во Ватикан кои го посетуваат летниот центар „Estate Ragazzi“ во Ватикан. Како и секоја година, Папата утрово, на 18 јули, отиде да ги посети децата и младите поделени според возраста во сини, жолти и зелени групи, и заедно со нив и персоналот и забавувачите, на чело со дон Франко Фонтана, директор на Салезијанската заедница во Ватикан и капелан на Службата за безбедност и ватиканските музеи.

Пристигнувањето на Папата

Споредено со претходните средби, кои секогаш се одржуваа во салата Павле VI, оваа година се одржа на спортскиот терен на новиот центар „Свети Јосиф“, отворен во јуни благодарение на дарежливоста на добродетелите кои беа примени од Папата рано утрото во Домот Света Марта. Светиот Отец го пречекаа кардиналот Фернандо Вергез Алзага и сестрата Рафаела Петрини, односно претседателот и генералниот секретар на државната управа на градот Ватикан.

Заштитете ги децата

Папата накратко се сретна со вработените во Летниот центар. Станува збор за „поранешни деца“ кои станаа адолесценти и возрасни, а сега се во служба на оваа реалност. Ви благодарам за помошта. Некои од вас дојдоа овде како деца, а сега сте соработници и помагате во тоа – рече папата Фрањо. Тоа е убава работа која помага да се порасне - додаде тој и ги охрабри да ги заштитат децата.

Важноста на семејството

Светиот Отец потоа отиде на зеленото игралиште каде го чекаа сите деца. Петмина од нив му поставуваа прашања на Папата. На прашањето на малиот Паоло кои му биле витези кога бил мал, Папата веднаш одговори: Родителите. Тоа го поттикна да се сети на детството во Аргентина, неговите четворица браќа и сестри заедно на масата - како што рече, со мама и тато кои нè учеа. Родителите и семејството ни помагаат да растеме – истакна Папата и како и секогаш потсети на важноста на бабите и дедовците.

Летото со баба и дедо во Аргентина

Поттикнат од прашањето на малото девојче Матилда, папата Фрањо се присети на летата поминати со баба и дедо, од страната на неговиот татко и мајка. Беа среќни моменти, како и секогаш во нивно друштво. Разговарајте со вашите баби и дедовци - ги охрабри Папата прашувајќи ги децата што мислат за нивните баби и дедовци. Тие носат радост - рече девојката од првиот ред. Бабите и дедовците ни помагаат да си го најдеме патот – рече едно момче повторувајќи ги зборовите на Папата. Треба да бидете блиски со баба и дедо - ги охрабри.

Никогаш не на духот на војната, секогаш треба да се воспостави мир

Папата ги советуваше секогаш да воспоставуваат мир. Помирувањето е најубавото нешто во животот и мора да научиме да се помируваме дома, кога се караме, со браќата, кога се лутиме. Никогаш не легнувајте навечер без прво да се помирите! – предупреди папата Фрањо, поттикнувајќи ги децата трипати заедно да ја повторуваат таа реченица. Никогаш не легнувајте со воено расположение – рече Папата и истакна дека тоа важи за сите; и за родителите кога се караат.

Подгответе се со радост за јубилејот

Во прашањата и одговорите кои следеа, беше споменат и јубилејот во 2025 година. Како ние младите да се подготвиме за јубилејот? - праша Микеле. Јубилејот доаѓа од зборот giubilo, што е радост – објасни Папата и додаде дека затоа секогаш треба да се подготвуваме со радост, што се разликува од „забава“– како рече –не е секогаш добра работа.

Молитви, балони, поздрави

На крајот, девојката Алис прочита писмо во име на целата заедница на летниот центар, во кое истакна дека искуството на летниот центар е прекрасно. Средбата заврши со молитва, по што беа пуштени балони изработени од природна гума во различни бои (вклучително и бела за Папата) со натпис што беше испечатен на транспарентот поставен зад Светиот Отец: „До тебе, драго девојче и мило момче: Ти си скапоцен во очите на Бога“ Тоа беше симболичен гест за зборовите на Папата да допрат до што повеќе луѓе, а папата Фрањо им се заблагодари на нив и на сите деца уште еднаш за нивниот дух на радост.

23 јули 2024, 16:34