ҽ

2024.07.04 Al cuore della democrazia (LEV)

Папата: Демократијата е заедничка потрага по решенија

По повод посетата на Папата на Трст и крајот на 50-та Италијанска католичка социјална недела, весникот „Ил Пиколо“ направи достапен досега необјавен текст на папата Фрањо, вовед во антологијата на Папските говори и пораки со наслов „Во срцето на демократијата“.

Во текстот Светиот Отец го опишува Трст како град со „силен централноевропски шмек“ поради „соживотот на различни култури, религии и етнички групи“. Поводот за неговата посета е Социјалната недела организирана од Италијанската бискупска конференција, која годинава е посветена на темата „Во срцето на демократијата: Учество низ историјата и во иднината“.

Папата воочува дека демократијата е облик на владеење, која изгледа страда од „последицата на опасна болест, „демократски скептицизам“. Тешкотиите на демократиите во преземањето на сложеноста на сегашното време изгледа дека понекогаш попуштаат пред привлечноста на популизмот. Демократијата има својствена голема и несомнена вредност, пишува Папата, нагласувајќи го фактот дека „однесувањето на власта се одвива во рамките на заедницата која слободно и секуларно меѓусебно се соочува во уметноста на општото добро, која не е ништо друго освен различно име за она што го нарекуваме политика“.

„Заедно“ е синоним за „учество“, пишува понатаму Светиот Отец. „Проблемите пред нас се сечии и тие ги засегаат сите“. Демократскиот начин е да разговараме за нив заедно, знаејќи дека единствено заеднички можеме да најдеме решенија, напоменува.

Во зборот „учествувај“ ја наоѓаме автентичната смисла на тоа што е демократија. „Никој не учествува во етатистички или диригистички режим; сите гледаат, пасивно. Демократијата, од друга страна, бара учество, бара вложување на сопствениот труд, ризикување конфликт, доведување во прашање на сопствените идеали, сопствените причини. Преземете ризик. Но, ризикот е плодната почва во која никнува слободата“, нагласува Светиот Отец.

Има толку многу социјални прашања околу кои сме поканети да се вклучиме демократски, напоменува Папата, истакнувајќи го прашањето за интелигентно и креативно прифаќање на мигрантите. Тоа е феномен кој Трст добро го познава, бидејќи е близок до т.н „балкански рути“. Тој дополнително го нагласува прашањето за демографската зима и изборот на автентични политики за мир „кои на прво место ја ставаат уметноста на преговарање, а не повторно вооружување“. Грижата за другите, што Исус постојано го нагласува во Евангелието, е автентичен став да се биде човек, заклучува Папата. „Од Трст, град со поглед на Средоземното Море, лонец на различни култури, религии и народи; метафори за човечкото братство кон кое се стремиме во овие времиња засенети од војната, нека изникне поуверена заложба за демократски живот со целосно учество насочена кон вистинското општо добро“, го завршува својот текст папата Фрањо.

08 јули 2024, 16:07