ҽ

++ Il Papa, la democrazia non � in buona salute, ci preoccupa ++

Проповед на Папата на светата Литургија по повод завршувањето на 50-тата Католичка социјална недела во Трст

За време на патувањето во Трст по повод завршувањето на 50-та Католичка социјална недела во Италија во недела, 7 јули 2024 година, папата Фрањо го предводеше литургиското славење на кое одржа проповедта, која ја пренесуваме во целост.

ПАПА ФРАЊО

ХОМИЛИЈА

Света Литургија по повод завршувањето на 50. Католичка социјална недела

За повторно да ја разбуди надежта на скршените срца и да им биде потпора на нивниот тежок пат, Бог секогаш издигнувал пророци меѓу својот народ. Меѓутоа, како што се вели во денешното прво читање, раскажувајќи ни за настаните од животот на Језекиил, тие често наидувале на бунтовен народ, „со огрубено лице и со жестоко срце “ (Језекиил 2, 4) и биле отфрлувани.

И Исус го има истото искуство како што го имале пророците. Се враќа во Назарет, во родниот крај, меѓу луѓето со кои пораснал, но не го препознаваат, згора на тоа, го отфрлаат: „дојде кај своите, а своите не го примија“ (Иван 1,11). Во Евангелието се вели дека „И се соблазнија заради Него (Исус)“ (Марко 6,3), но терминот „соблазна“ не се однесува на нешто безобразно или непристојно како што го користиме денес; соблазна значи „камен за сопнување“, односно пречка, непријатност, нешто што ве кочи и ве спречува да продолжите понатаму. Да се запрашаме: која е пречката што нѐ спречува да веруваме во Исус?

Слушајќи што зборуваат неговите сонародници, гледаме дека тие се задржуваат само на неговата овоземска историја, на неговото семејно потекло и затоа не можат да си објаснат како синот на Јосиф дрводелецот, т.е. на обичен човек, имал таква мудрост па и способност да прави чуда. Затоа, човечноста на Исус е соблазна. Пречката што ги спречува овие луѓе да го препознаат Божјото присуство во Исус е фактот дека Тој е човек, Тој е едноставно син на Јосиф деводелецот: Како може Бог, семоќниот, да се открие во слабоста на телото на еден човек? Како може семоќниот и силен Бог, кој ја создал земјата и го ослободил својот народ од ропството, да стане толку слаб што дошол во тело и се наведнал да им ги измие нозете на учениците? Тоа е соблазна.

Браќа и сестри: вера заснована на Бога, која слегнува до човекот, која се грижи за него, која ги допираат нашите рани, која го зема на себе нашиот умор, која се крши како леб за нас. Силен и моќен Бог, кој е на моја страна и ме задоволува во сè, е привлечен; слабиот Бог, Бог кој умира на крстот од љубов и исто така бара од мене да ја надминам секоја себичност секој ден и да го дадам мојот живот за спасение на светот, е Бог кој предизвикува немир. И тоа, браќа и сестри, е соблазна.

Сепак, ставајќи се себеси пред Господ Исус и гледајќи на предизвиците кои се пред нас, на бројните општествени и политички проблеми за кои исто така се разговараше на оваа Социјална недела, на конкретниот живот на нашиот народ и неговите напори, можеме да кажеме дека денес ни треба токму ова: соблазна. Ни треба соблазна на верата. Не ни треба религиозност затворена во себе, која го подига погледот кон небото не грижејќи се за она што се случува на земјата и слави богослужба во храмот заборавајќи ги, сепак, правливите патеки на нашите улици. Напротив, ни треба соблазна на верата - ни треба соблазна на верата - вера вкоренета во Бог, Кој стана човек и затоа човечка вера, опиплива вера, која влегува во историјата, која ги милува животите на луѓето, која лекува скршени срца, која станува квасец на надежта и микроб на нов свет. Тоа е вера која ја буди совеста од нејзината вкочанетост, која со прст ги допира раните на општествата - а ги има многу - вера која поставува прашања за иднината на човекот и историјата; тоа е немирна вера и треба да живееме немирна вера, вера која оди од срце до срце, вера која ги прима проблемите на општеството однадвор, немирна вера која помага да се надмине просечноста и ацедијата на срцето, што станува трн во око на општеството често заспано и зашеметено од консумеризмот. Накратко ќе се задржам на тоа... Се вели дека нашето општество е донекаде поспано и зашеметено од консумеризмот, дали сте размислувале дали консумеризмот ви влегол во срцето? Таа желба да се поседуваат работи, да се има повеќе, тој копнеж да се трошат пари. Консумеризмот е зло, тоа е рак: ти го разболува срцето, те прави себичен, те тера да гледаш само во себе. Браќа и сестри, потребна ни е пред сè вера која ги отфрла калкулациите на човечкиот егоизам, која го осудува злото, која покажува со прст кон неправдите, која ги нарушува заговорите на оние кои во сенка на власта, ги искористуваат послабите за нивните сопствени цели. И колкумина - тоа го знаеме - ја користат верата за да ги искористат луѓето. Тоа не е вера.

Еден поет од овој град, опишувајќи го во прозен текст неговото вообичаено вечерно враќање дома, опишува како минува низ малку мрачна улица, место на деградација каде луѓето и добрата во пристаништето се „остаток“, односно отпад од светот; сепак токму овде - пишува тој - цитирам: „Наоѓам, минувајќи, бескрајна понизност“, зашто проститутката и морнарот, раскараната жена и војникот, „сите се суштества на животот и болката; во нив, како и во мене, е Господ“ (U. SABA, „Città Vecchia“, во Il canzoniere (1900-1954) Edizione definitiva, Turin, Einaudi, 1961). Да не заборавиме дека: Бог се крие во темните ќошиња на животот и нашиот град. Дали сте размислувале за тоа: во темните агли на животот и нашиот град. Неговото присуство се открива токму на лицата избраздени од страдањето и каде изгелда дека уништувањето победува. Бесконечноста Божја се крие во човечката беда, Господ се движи и станува присутен, тој станува пријателско присуство токму во ранетото тело на последните, заборавените и отфрлените. Овде, тука се манифестира Господ. А за нас, кои понекогаш непотребно сме навредени од многу ситници, би било добро, напротив, да се запрашаме: зошто не се навредуваме поради злото што се шири, поради животот што се понижува, поради проблеми во светот на работата, поради страдањата на мигрантите? Зошто остануваме апатични и рамнодушни кон неправдите во светот? Зошто не ја земаме при срце ситуацијата на затворениците, која исто така се издигнува од овој град Трст како крик од болка? Зошто не ја набљудуваме бедата, страдањето, напуштањето на толку многу луѓе во градовите? Се плашиме, се плашиме да го најдеме Христос таму.

Предраги, Исус го живееше пророштвото на секојдневниот живот во сопственото тело, влегувајќи во животот и секојдневниот живот на луѓето, покажувајќи сочувство во настаните од секојдневниот живот, покажа каков е Бог, кој е сочувствителен. И затоа некои се соблазнија поради него, тој стана пречка, беше отфрлен до тој степен што беше изведен пред суд и осуден. Сепак, тој остана верен на своето послание, не се криеше зад двосмислесноста, не беше во сојуз со логиката на политичката и верската моќ. Од својот живот направи жртва на љубовт кон Отецот. Така и ние христијаните: повикани сме да бидеме пророци и сведоци на Царството Божјо, во сите ситуации што ги доживуваме, во сите места каде што живееме.

Браќа и сестри, од овој град Трст, кој гледа на Европа, крстопат на народи и култури, пограничен регион, поттикнувам да сонуваме за нова цивилизација заснована на мир и братство; ве молам, да не ве соблазнува Исус, туку, напротив, да нè згрозат сите оние ситуации во кои, животот се нагрдува, ранува и убива; ние го носиме пророштвото на Евангелието во нашето тело, повеќе со нашите одлуки, отколку со зборовите. Ова е таа доследност помеѓу изборите и зборовите. И сакам да ѝ кажам на оваа Црква во Трст: Напред! Само напред! Продолжете да го водите патот во ширењето на Евангелието на надежта, особено на оние кои доаѓаат од балканската рута и на сите оние кои треба да бидат охрабрени и утешени со тело или дух. Заедно да се посветиме на ова: со тоа што повторно ќе откриеме дека Отецот нè љуби, сите да можеме да живееме како браќа. Сите како браќа, со таа гостољубива насмевка и мир во душата. Ви благодарам!

08 јули 2024, 16:02