ҽ

2023.04.25 Papa Francesco - Riunione del Consiglio dei Cardinali – C9

Почна јунскиот состанок на Кардиналскиот совет

Јунскиот состанок на Кардиналскиот совет со Папата, трет во 2024 година, започна во понеделник, 17 јуни 2024 година.

Состанокот на групата К9, односно Кардиналскиот совет, кој го формираше Папата за да му помогне во проектот за реформа на Римската курија и во управувањето со Црквата, започна во понеделник, 17 јуни 2024 година, во Ватикан, во присуство на папата Фрањо. Тоа е трета средба годинава, по состаноците одржаните во февруари и април.

Априлски состанок

Во центарот на последната седница во април беше спроведувањето на апостолската конституција Praedicate evangelium во епархиските курии, воените сценарија во различни делови на светот, особено на Блискиот Исток и Украина, со надеж на папата Фрањо и кардиналите дека ќе се направат поголеми напори во насока на изнаоѓање патишта за преговори и мир. На претходните состаноци, членовите на Советот разговараа и за улогата на жената во Црквата и ги слушаа размислувањата на две жени, сестра Регина да Коста Педро и професорката Стела Мора.

Новиот состав на групата К9

Кардиналскиот совет, откако Папата го обнови тоа тело на 7 март 2023 година, го сочинуваат кардиналите Пјетро Паролин, државен секретар; Фернандо Вергез Алзага, претседател на Папската комисија за државата Ватикан и управата на државата Ватикан; Фридолин Амбонго Бесунгу, надбискуп на Киншаса; Освалд Грацијас, надбискуп од Бомбај; Шон Патрик О'Мали, надбискуп од Бостон; Хуан Хозе Омела Омела, надбискуп на Барселона; Жералд Лакроа, надбискуп на Квебек; Жан-Клод Холерих, надбискуп на Луксембург; и Серџо да Роча, надбискуп на Сан Салвадор де Баија. Секретар е монсињор Марко Мелино, титуларен бискуп на Кресима. Првиот состанок на новиот состав на групата К9 се одржа на 24 април годинава.

Формирање на Кардиналскиот совет

Советот беше основан од папата Фрањо со хирограф од 28 септември 2013 година со задача да му помогне да управува со општата Црква и да го разгледа проектот за реформа на Римската курија, што се спроведува во согласност со новата апостолска конституција Praedicate Evangelium, објавена на 19 март 2022 година. Првиот состанок на групата К9 се одржа на 1 октомври 2013 година.

19 јуни 2024, 10:33