ҽ

Pope Francis leads the Angelus prayer from his window, at the Vatican

Ангел Господов: Посејте го Евангелието со доверба и трпение во секое подрачје од животот

Во својот пладневен говор пред молитвата Ангел Господов во недела 16 јуни 2024 година, папата Фрањо ги поттикна верниците да го шират семето на Божјото Слово и да негуваат очекување со доверба дека тоа ќе вроди со плод, дури и таму каде што теренот е неповолен и резултатите не се моментални, по примерот на Христос кој „не престанува да нѐ придружува за да можеме да растеме како класје полни зрно.

ПАПА ФРАЊО

АНГЕЛ ГОСПОДОВ

Плоштад Свети Петар

недела, 16 јуни 2024 година

Драги браќа и сестри, ви посакувам убава недела!

Евангелието од денешната литургија ни зборува за Царството Божјо преку сликата за семето (сп. Марко 4,26-34). Исус ја користи оваа споредба неколку пати (сп. Матеј 13,1-23; Марко 4,1-20; Лука 8,4-15), а денес тоа го прави со тоа што нè повикува да размислиме за посебно важен став поврзан со сликата на семето, што е став на очекување со доверба.

Имено, при сеидбата, колку и да фрли земјоделецот одлично и обилно семе, и колку добро да ја подготви почвата, растенијата не никнуваат веднаш: потребно е време и трпение! Затоа, потребно е да се знае да се чека со доверба по сеидбата, за да дозволи семето да се отвори во вистинско време и никулците да излезат од почвата и да пораснат доволно силни за да обезбедат богата жетва на крајот (сп. р. 28-29). Под земјата веќе се случува чудо (сп. р. 27), во тек е огромен развој, но е невидлив, потребно е трпение, а во меѓувреме треба да се продолжи со копање, полевање и плевење на почвата, иако изгледа дека ништо не се случува на површината.

И Царството Божјо е такво. Господ го става во нас семето на Своето Слово и својата благодат, добро и обилно семе, а потоа, без да престане да нѐ придружува, трпеливо чека. Господ продолжува да се грижи за нас, со доверба на Отецот, но ни дава време - Господ е трпелив - семето да се отвори, да расте и да се развива додека не даде плод на добри дела. И тоа е затоа што тој сака ништо да не се изгуби во неговото поле, за сè да достигне потполна зрелост; сака сите да растеме како класје полни со зрна.

И не само тоа. Со ова Господ ни дава пример: нè учи со доверба да го посееме Евангелието таму каде што сме, а потоа да чекаме посеаното семе да порасне и да даде плод во нас и кај другите, без да се обесхрабруваме и без да престанеме меѓусебно да се поддржуваме и да си помагаме еден на друг, дури и таму каде што, и покрај нашите напори, не гледаме резултати веднаш. Често, имено, дури и кај нас, без разлика што се гледа однадвор, чудо веќе се случува и во свое време ќе даде изобилен плод!

Затоа, можеме да се запрашаме: дали дозволувам Словото да се посее во мене? Дали со доверба го сеам Божјото Слово во средината во која живеам? Дали сум трпелив во чекањето или се обесхрабрувам затоа што не ги гледам резултатите веднаш? И дали знам како на Господа да му доверам сè во мир, давајќи го во исто време најдоброто од себе во навестување на Евангелието?

Дева Марија, која го прифати и направи да расте во неа семето на Словото, нека ни помогне да бидеме великодушни и сигурни сејачи на Евангелието.

19 јуни 2024, 09:52