ҽ

2024.05.10 Stati Generali della Natalità

Папата Фрањо учествува на конгрес за наталитетот: Не се проблем децата, туку себичноста

Во свет каде што оружјето и контрацептивните средства се „инвестиции кои донесуваат најголем приход“ и во општество каде мајките се принудени да избираат помеѓу работата и децата, итно се потребни „ефективни политики, храбри, конкретни и долгорочни избори“, како и „поголема посветеност на сите влади“ во корист на семејството, истакна папата Фрањо на Четвртиот конгрес за наталитетот.

Среќен сум што сум со вас бидејќи, како што знаете, прашањето за наталитетот ми е многу блиску, рече папата Фрањо, учествувајќи во петокот на 10 мај 2024 година во Рим на Четвртиот конгрес за наталитетот (Stati Generali della Natalità) организиран од Форумот на здруженија за семејства.

Истакнувајќи дека секое дете е дар и дека нé потсетува дека Бог има доверба во човештвото и додаде дека нашето „постоење“ не е резултат на случајност. Бог нé сакаше, има голем и единствен план за секој од нас, без исклучок, рече Светиот Отец и се осврна на три, како што рече, клучни зборови во говорот за наталитетот: реализам, далекувидност и храброст.

Себичност како анастезија за срцето 

Зборувајќи за реализмот, се осврна на истражувањата и теориите од минатото кои тврдеа дека раѓањето на премногу деца ќе создаде економска нерамнотежа и недостиг на ресурси и загадување. Тие теории, кои одамна се застарени, зборуваа за човечките битија како да се проблеми, посочи тој.

Човечкиот живот не е проблем, тој е дар. Причината за загаденоста и гладот во светот не се децата кои се раѓаат, туку изборот на оние кои мислат само на себе, односно делириумот на незауздан и слеп материјализам и консумеризм кој како злобен вирус го поткопува во корен постоењето. на луѓето и општествата. Проблемот не е колку нé има во светот, туку каков свет градиме.

Децата не се проблем, туку себичноста која создава неправда и структури на гревот, рече Светиот Отец и додаде дека тоа води до испреплетување на нездрава меѓузависност меѓу социјалните, економските и политичките системи. Себичноста нè прави глуви на гласот Божји, кој најпрво љуби и нè учи да сакаме, и на гласот на нашите браќа кои се со нас. Себичноста го анестетизира срцето, истакна Светиот Отец.

Без деца и млади, земјата ја губи желбата за иднината 

Домовите кои се полни со предмети и каде што нема деца стануваат многу тажни места, рече тој и додаде дека проблемот на светот не се се децата кои се раѓаат, туку себичноста, консумеризмот и индивидуализмот кои ги прават луѓето осамени и несреќни. Потенцирајќи дека бројот на раѓања е првиот показател за надежта на еден народ, Папата посочи дека без деца и млади земјата ја губи желбата за иднината.

Папата понатаму истакна како еден демограф му рекол дека во моментов најмногу приходи остваруваат фабриките за оружје и контрацептивни средства. Едниот го уништува животот, а другиот го спречува животот, рече Папата. Ако тоа се инвестициите кои носат најмногу приходи, тогаш каква иднина може да очекуваме, праша Папата, додавајќи дека овие прашања се многу сложени, но дека тоа не треба да биде алиби за да не се занимаваме со нив.

Неопходно е да се предвиди, продолжи Папата, кој е вториот клучен збор. На институционално ниво потребни се ефективни политики и храбри, конкретни и долгорочни избори за денес да се посее она што децата ќе можат да го жнеат утре, посочи Петровиот наследник.

Потребна е поголема посветеност на сите влади за да се доведат младите генерации во ситуација да можат да ги остварат своите легитимни соништа. Станува збор за донесување сериозни и ефективни одлуки за доброто на семејството. На пример, ставање на мајката во позиција каде што таа не мора да избира помеѓу работа и грижа за своите деца; или да ослободат многу млади парови од товарот на несигурноста на работата и неможноста да купат куќа.

Да се промовира култура на великодушност и меѓугенерациска солидарност 

Исто така, важно е, продолжи Папата, да се промовира културата на великодушност и меѓугенерациска солидарност на општествено ниво, да се преиспитаат навиките и начинот на живот, да се откаже од она што е излишно за да се даде надеж на младите за иднината. Обраќајќи им се особено на младите, Папата ја истакна храброста како трет важен збор.

Знам дека за многумина од вас иднината може да изгледа вознемирувачка и дека помеѓу наталитетот, војните, пандемиите и климатските промени не е лесно да се одржи жива надежта. Но, не се откажувајте, имајте вера бидејќи утрешниот ден не е нешто неизбежно: го градиме заедно, и во тоа „заедно“ пред се го наоѓаме Господ.

Господ е тој, додаде Папата, кој често во Евангелието вели: „Но јас ви велам“ (Матеј 5,38-48). Тоа ги менува работите. Она „но“ мириса на спас и го подготвува она што е „неконвенционално“, подготвува раскинување. Да го направиме тоа „но“ наше – овде и сега, рече Светиот Отец.

Да не го прифаќаме сценариото што другите веќе го напишале, туку да почнеме да весламе за да го смениме курсот, дури и по цена да одиме против струјата!

Иднината ја градат заедно младите и старите

Иднината, додаде Папата, не се гради само со раѓање деца, туку и со грижа за постарите - баби и дедовци. Зборувајќи за културата на „криење и отфрлање на бабите и дедовците“,нагласи дека осаменоста и отфрлањето на бабите и дедовците е самоубиство на една култура.

Иднината ја градат младите и старите заедно; храброста и сеќавањето заедно. Ве молам, кога зборуваме за наталитетот, кој е иднината, тогаш зборуваме и за бабите и дедовците кои не се минато: тие и помагаат на иднината. Ве молам, да имаме многу деца, но да се грижиме и за бабите и дедовците, бидејќи тоа е многу важно.

Заблагодарувајќи им се на организаторите, Папата посебно ја пофали нивната храброст и ги вети неговите молитви.

 

13 мај 2024, 09:19