ҽ

2023.01.04 Ritratto di Pio VII Jacques-Louis-David

Папата Фрањо: Пиј VII, човек на единство и љубов дури и во време на борби и поделеност

Папата Фрањо се сретна со ходочесниците од бискупиите Чезена-Сарсина, Тиволи, Савона-Ноли и Имола по повод 200-годишнината од смртта на папата Кјарамонти, кој беше затворен речиси три години во времето на Наполеон.

Формација во бенедиктинската опатија во Чезена, бискупска служба во епархиите Имола и Тиволи и затвор во Савона во времето на Наполеон. Тоа се некои од етапите кои го одбележале животот на слугата Божји Пиј VII, кој почина пред двесте години, на 20 август 1823 година. Во рамките на одбележувањето на таа годишнина, на 20 април 2024 година, папата Фрањо прими ходочесници од бискупиите Чезена-Сарсина, Савона-Ноли, Имола и Тиволи. Во својот говор Светиот Отец ги спомена сведоштвата кои како пастир ги дал папата Кјарамонти, роден во Чезена во 1742 година, во историски период, обележан со големи политички и општествени пресврти.

Папата Кјарамонти беше, и е за сите нас, голем пример за добар пастир кој го дава својот живот за своето стадо. Тој бил човек со голема култура и побожност, бил благ, монах, игумен, бискуп и папа; во сите тие улоги, тој ја сочува недопрена, дури и по цена на големите жртви, својата посветеност на Бога и Црквата. Како во драматичниот момент на апсењето кога на оние кои му понудиле бегство од затвор во замена за компромиси околу неговите пасторални обврски, тој им одговорил: „Non debemus, non possumus, non volumus“ - убаво, нели? - „не смееме, не можеме, не сакаме“, потврдувајќи го, по цена на личната слобода, она што на денот на неговиот избор го ветил дека ќе го направи со Божја помош.

Папата Фрањо потоа истакна три клучни вредности за кои сведочел Пиј VII. Тоа се суштински елементи - истакна тој - и за нашето лично и заедничко одење: заедништво, сведоштво и милосрдие.

Заедништво

Папата Пиј VII беше убеден поддржувач и заштитник на потребата да се промовира заедништвото – нагласи папата Фрањо. Тоа беше целта која што ја посочи папата Кјарамонти во времето на жестоките битки и поделби – истакна Светиот Отец и додаде:

Немирите предизвикани од Француската револуција и наполеонските инвазии доведоа до болни расцепи кои продолжија да поттикнуваат, како кај Божјиот народ, така и во нивните односи со околниот свет: крвави рани, морални и физички. Се чинеше дека од тоа треба да биде погоден и Папата. Напротив, со својата смиреност и цврста упорност во заштитата на единството, Пиј VII успеа да ја преобрази ароганцијата на оние кои сакаа да го изолираат и оддалечат, јавно лишејќи го од секакво достоинство, претворајќи ги овие работи во можности за повторно поттикнување на пораката за предавање и љубов кон Црквата, на што Божјиот народ воодушевено одговори. Ова резултираше со заедница која беше материјално посиромашна, но морално поповрзана, силна и веродостојна. Неговиот пример нè поттикнува во наше време, дури и по цена на одрекување, да бидеме градители на единството во општата Црква, во локалната Црква, во парохиите и во семејствата; да создаваме заедништво, да го поддржуваме помирувањето, да го промовираме мирот, верни на вистината во добротворни милосрдието!

Озборувањето – додаде Папата, дополнители на подготвениот текст, го уништува заедништвото. Во случај да дојде до озборување објасни, постои многу добра метода: гризни се за јазикот.

Сведоштво

Друга вредност која го карактеризира животот на Пиј VII е сведоштвото:

Тој бил човек со блага природа, папата Кјарамонти бил храбар гласник на Евангелието, со својот збор и живот. На почетокот на својот понтификат, тој им рекол на кардиналните избирачи: „На Црквата [...] и требаат нашите добри примери [...]; за сите да сфатат дека не [...] во раскошот [...], туку во презир кон богатството, во смирението, во скромноста, во трпението, во љубовта и на крајот во секоја свештеничка должност се прикажува сликата на нашиот Создател, а автентичната димензија на Црквата е зачувана“.

Убаво е тоа што го зборувал... - рече папата Фрањо - И тој всушност го остварил тој свој идеал на христијанско пророштво, живеејќи го и достоинствено промовирајќи го во добри и лоши времиња, и на лично и на црковно ниво, дури и кога тоа го доведе до конфликт со моќниците во неговото време.

Милосрдие

Милосрдието е третиот суштински елемент што го истакна папата Фрањо кога зборуваше за папата Кјарамонти:

И покрај големите пречки кои настаните од ерата на Наполеон ги поставиле во неговото делување, папата Пиј VII го конкретизираше своето внимание кон сиромашните, издвојувајќи се по некои реформи и далекусежни општествени иницијативи, иновативни за неговото време, како што е ревизијата на „вазалните“ односи, со последователна еманципација на сиромашните селани, укинувањето на бројните благороднички привилегии, угнетувањето, правата на владетелите, употребата на тортурата и основањето на хируршката катедра на Универзитетот „Ла Сапиенца“ за да се подобри медицинската нега. Папата Пиј VII бил и интелигентен и итар – истакна папата Фрањо и додаде:

Тој бил многу интелигентен човек, многу побожен и итар. Знаел и како итаро да го преживее затворот. Понекогаш испраќал пораки преку облеката и така успевал да ја води Црквата преку облеката. И таа е убава работа, тој е човек кој е интелигентен, итар и кој сака да ја изврши задачата да владее што му ја дал Господ, тоа е убаво.

Кроток, но итар

Папата Фрањо потсети и дека Пиј VII истото милосрдие го покажувал и кон своите прогонители. Иако отворено ги осудувал нивните грешки и злоупотреби, се трудел да го задржи отворен патот на дијалогот со нив, а пред сѐ секогаш ја давал својата прошка. Сè до пружење гостопримство во црковните држави, токму на семејството на Наполеон, кое го затвори неколку години пред тоа и бараше за него, веќе поразен, да се однесуваат поблаго во заробеништвото.

Има бројни вредности на кои нè потсетува споменот на Божјиот слуга Пиј VII: љубов кон вистината, единство, дијалог, внимание кон последните, простување, упорна потрага по мир и евангелското лукавство што ни ги препорачува Господ. Добро е да се размислува за вредностите кои Пиј VII ги остави во наследство, а пред сѐ, добро е да ги направиме свои и да ги сведочиме за да расте стилот на благост и подготвеност за жртвување во нас и во нашите заедници. Да се биде кроток не значи да се биде глупав, туку да се биде итар како што препорачува Господ. Безопасни како гулаби, а мудри како змии – рече на крајот папата Фрањо.

20 април 2024, 08:21