ҽ

2024.03.24 Celebrazione della Domenica delle Palme

На плоштадот Свети Петар прославен празникот Цветници

Папата Фрањо во недела 24 март 2024 година го предводеше славењето на Страдалната недела, Цветници, на плоштадот Свети Петар, последната недела пред Велигден. Одбележувањето на свеченото влегување на Господ во Ерусалим претходеше на светата Литургија, каде евангелскиот дел зборува за Христовото страдање. На крајот од Литургијата, останувајќи пред базиликата, Светиот Отец ја упати молитвата Ангел Господов.

Во присуство на околу 60.000 верници, славењето на Страдалната недела, кое го предводеше папата Фрањо започна со споменот на Господовото влегување во Ерусалим, за кое беше прочитан пасус од Евангелието според Марко, а кој претходеше на евхаристиското славење. Папата ги благослови и пороси со света вода маслиновите гранчиња, симболот на денешниот ден, кои верниците собрани на плоштадот Свети Петар ги држеа во раце. Следуваше процесија, од центарот на плоштадот кон базиликата, со повеќе од 400 „палмоносци“.

Страдањата Христови

Сцената тогаш радикално се промени: Литургијата на Словото на Евхаристиското славење вклучува опеано читање на Страдањата на нашиот Господ Исус Христос од Евангелието според Марко. Преку неговите зборови го доживуваме страдањето на Исус во сета негова суровост. По спомнувањето на страдањата следуваше момент на молчење. Христовото страдање ги содржи болките на сите времиња и на целото човештво, а човештвото се претстави пред Господа со своите слабости во општата молитва и молитвата на верниците. Се молеше за Црквата, таа секогаш да бара единство, помирување и заедништво; за владетелите повикани да го негуваат мирот и доброто на луѓето; за сите мажи и жени кои страдаат; за прогонетите христијани; за секоја христијанска заедница да сведочи за сопствената вера, во молитва и љубов.

На крајот од славењето, останувајќи пред базиликата, папата Фрањо ја молеше молитвата Ангел Господов, а потоа го подели својот благослови и го помина целиот плоштад во папамобилот поздравувајќи ги верниците и ходочесниците.

24 март 2024, 19:57