ҽ

2023.10.28 Sinodo dei Vescovi - XX Congregazione Generale

Папата формира студиски работни групи за првата сесија на Синодата за синодалност

Папата Фрањо формира студиски работни групи за истражување на различни теми кои произлегоа од сесиите на Синодата за синодалноста во октомври 2023 година и ги одреди датумите за втората сесија на 16-то редовно генерално собрание на Епископската синода.

Генералниот секретаријат на Синодата во сабота на 17 февруари 2024 година соопшти дека папата Фрањо ги одредил датумите за втората сесија на XVI редовно Генерално Собрание на Епископската синода, кое ќе се одржи од среда, 2 октомври до недела, 27 октомври 2024 година. Седницата ќе продолжи со работа на тема „За синодална црква: заедништво, учество и послание“.

Исто така во саботата, папата Фрањо објави хирограф за формирање на студиски работни групи за да бидат истражени некои од темите кои беа актуелни на првата сесија на Синодата. Ќе се формираат студиски работни групи меѓу надлежните дикастерии на Римската курија и Генералниот секретаријат на Синодата, кој ќе ги координира.

Во хирографот посветена на соработката меѓу дикастериите на Римската курија и Секретаријатот на Синодата, Папата потсетува дека Конституцијата за Римската курија Praedicate Evangelium нагласува дека „животот во заедништво ја прави Црквата синодална“.

Исто така во хирографот се споменува дека задачите на Генералниот секретаријат на Синодата вклучуваат унапредување на односите меѓу различни епископи и локалните Цркви во синодален дух и во заедништво со Римскиот епископ. Хирографот заклучува дека дикастериите на Римската курија соработуваат, според нивните посебни надлежности, во активностите на Генералниот секретаријат на Синодата, формирајќи студиски работни групи кои, следејќи го синодалниот метод, ќе започнат продлабочено проучување на некои теми кои беа актуелни на првата сесија на Синодата.

Споменатите студиски работни групи се формираат со меѓусебен договор на надлежните дикастерии на Римската курија и Генералниот секретаријат на Синодата на која и е доверена координацијата, пишува во хирографот.

Во документот на Генералниот секретаријат на Синодата насловен „Кон октомври 2024“, објавен на 11 декември 2023 година, веќе беше нагласено дека следната сесија ќе биде фокусирана на тоа како да се живее синодалноста на сите нивоа во Црквата.

Новиот Папски документ појаснува дека некои од најзначајните теми кои произлегуваат од слушањето на Црквите ќе бараат значително време за теолошко, канонско и пасторално размислување. По синодалниот процес, во проучувањето на овие теми ќе бидат вклучени експерти од сите континенти и дикастерии на Римската курија, според нивните надлежности. Меѓутоа хирографот не дефинира кои студиски работни групи треба да се формираат, ниту пак кои теми ќе се истражуваат.

Синтезираното во извештајот одобрен со гласање на крајот од сесијата во октомври 2023 година укажа на неколку теми, како што се потребата да се ажурираат некои канонски норми, формацијата на ракоположените служители, односот меѓу епископите и монашките редови и теолошките и пасторалните истражувања за ѓаконат.

Работните групи за проучување ќе служат како корисни алатки за да помогнат во размислувањата на универзалната Црква на различни теми. Сепак, тие нема директно да претставуваат материјал за дискусија на следната сесија на Синодата, која ќе се фокусира на самата синодалност, изразувањето на заедништвото во Црквата.

Генералниот секретаријат на Синодата, под раководство на кардиналот Марио Грех, ќе ја координира работата на студиските работни групи меѓу дикастериите. Како ентитет, Секретаријатот не е дел од Римската курија, туку е директно одговорен пред Папата.

19 февруари 2024, 20:00