ҽ

TOPSHOT-UKRAINE-RUSSIA-CONFLICT-WAR

Папата: Војната е одрекување од човештвото

На крајот од Генералната аудиенција на 24 јануари 2024 година, папата Фрањо потсети на Денот на сеќавањето на Холокаустот, 27 јануари, и повторно го осуди геноцидот врз Евреите. „Да не заборавиме дека логиката на омраза и насилство никогаш не може да се оправда.“ Папата Фрањо продолжува да моли за мир на Блискиот Исток и во Украина, осудувајќи го бомбардирањето на цивилите.

Војната сама по себе е одрекување од човештвото, одрекување од човештвото – повтори папата Фрањо двапати, упатувајќи ги тие зборови, на крајот од Генералната аудиенција, до присутните ходочесници на аудиенцијата од италијанско говорно подрачје. Потоа Папата потсети дека во сабота на 27 јануари се одбележува Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на холокаустот.

Сеќавањето и осудата на тоа страшно истребување на милиони Евреи и луѓе од друга вероисповед, што се случи во првата половина на минатиот век, нека им помогне на сите да не заборават дека логиката на омраза и насилство не може да се оправда, бидејќи тоа ја негира самата наша човечност.

Осуда за бомбардирањето на цивили во Украина

Папата Фрањо потоа ги посвети своите мисли на места во светот каде што војната ги уништува животите на населението, како што се Блискиот Исток, Палестина и Израел. Мислам и на вознемирувачките вести кои доаѓаат од измачената Украина - додаде Римскиот бискуп, осврнувајќи се на нападите, осудени од Обединетите нации, врз Киев, Харков и други украински градови, во кои загинаа најмалку пет лица, а десетици се ранети. Папата затоа ја изрази својата тага за бомбардирањата кои, како што рече, погодија места кои ги посетуваат цивили, сеејќи смрт, уништување и страдање.

Војната е секогаш пораз

Да не се умориме да молиме за мир, за прекин на конфликтите, за замолчување на оружјето и за помош на исцрпеното население – повика Папата повторно, молејќи се за жртвите и нивните најблиски и ги моли сите, особено оние кои имаат политичка одговорност, да го заштитат човечкиот живот со запирање на војните. Да не заборавиме: војната е секогаш пораз, секогаш. Единствените „победници“ - во наводници - се производителите на оружје.

25 јануари 2024, 10:00