ҽ

2024.01.12 Membri del Comitato Cattolico per la Collaborazione Culturale con le Chiese Ortodosse e le Chiese Ortodosse Orientali

Папата: Христијаните заедно, без предрасуди, градат мостови на пријателство

Папата Фрањо на 12 јануари 2024 година ги прими студентите и членовите на Католичкиот комитет за културна соработка со Православната и Источно православните цркви, по повод 60-годишнината од основањето

Светиот Отец го изрази своето задоволство што може да се сретне со Комитетот во деновите пред почетокот на Молитвената осмина за единство на христијаните, која започнува на 18 јануари.

Католичкиот комитет за културна соработка, чии активности ги води ватиканската Дикастерија за промовирање на единство меѓу христијаните, им овозможува на студентите на Православната и Источно православните цркви можност да го завршат своето образование во католичките академски институции, „со цел да се вратат во нивните заедници и да го споделат знаењето и искуството што го стекнале“.

На тој начин, во име на целата Католичка црква, нудите конкретна и непристрасна служба која е во корист на сестринските цркви од Истокот и придонесува за подготовка на свештенството и мирјаните кои, благодарение на нивните студии, ќе служат за посланието на едно Тело Христово.

Студентите кои ги посетуваат универзитетите можат лично да ги следат не само академските предавања, туку и формацискиот, духовниот и литургискиот раст на католичките студенти, истакна Светиот Отец. Пред сè, можат со нив да го споделат искуството од заедничкиот живот на црковните универзитети. „Овој живот и директниот контакт со конкретни заедници, во кои сите ја делат истата желба да го следат единствениот Учител, Господ Исус Христос и да ѝ служат на неговата Црква, им помага не само на православните и источните православни, туку и на католичките студенти да ги надминат предрасудите, да ги срушат ѕидови и да градат мостови на дијалог и пријателство“, посочи Светиот Отец. Ова ме потсетува на раните христијански заедници, продолжи папата Фрањо. Тоа беше разновидна група, „но тешко е да се замисли група која беше пообединета и својата поврзаност ја најдоа во Исус. Одејќи по Неговите стапки, тие патуваа рамо до рамо. Нивното единство во љубовта го зацврсти Светиот Дух кој ги испрати далеку и така уште посилно ги поврза еден со друг“.

Токму овој пример треба да го следат студентите, истакна Светиот Отец. Студирајќи во Рим, тие имаат можност меѓусебно да споделат кој е Христос за нив, каде го запознале, како ги освоил и завладеел со нивните срца, традициите со кои го обожаваат и го признаваат како свој Господ, – истакна Папата.

„Врз основа на вашето братско споделување на ова искуство, верувам дека нашето минато, рането од грешки и недоразбирања, гревови и стереотипи, можат постепено да се лекуваат, доколку се сметаат повторно како дел од една многу поголема приказна, онаа за верноста на Христос кој „ја засака Црквата и се предаде себеси за неа“ (Ефејаните 5,25). Се надевам дека годините на вашите студии, за пофалба и слава на Бога, преку заемно прифаќање и братска почит, дијалог и споделување, ќе бидат пророштво на милосрдие и расадник на единството“, заврши папата Фрањо во својот говор до Католичкиот комитетот за културна соработка со Православната и Источно православните цркви.

14 јануари 2024, 15:54