ҽ

2024.07.13 Bishop Stojanov served a holy liturgy on the occasion of the patron saint's holiday in Gevgelija

Епископот Стојанов служеше света Литургија по повод патрoниот празник во Гевгелија

На празникот на Светите првоврховни апостоли Петар и Павле, 12 јули 2024 година, во истоимената црква во Гевгелија, а по повод патронатот, Скопскиот бискуп и Струмичко - скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов служеше света археирејска Литургија.

На празникот на Светите првоврховни апостоли Петар и Павле, 12 јули 2024 година, во истоимената црква во Гевгелија, а по повод патронатот, Скопскиот бискуп и Струмичко - скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов служеше света археирејска Литургија. На евхаристиското славење со епископот сослужуваа деканот на Деканатот „Свети Кирил и Методиј“, ректор на светилиштето во Паљурци и директор на Македонски Каритас протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, парохот во Гевгелија отец Ристо Самарџиски, парохот во Богданци протојереј ставрофор отец Тома Ангелов и парохот во Радово отец Илија Стојанов.

На почетокот од проповедта епископот Стојанов најпрво упати честитки до парохискиот свештеник отец Ристо Самарџиски, Сестрите Евхаристинки и верниците за патрониот празник, како и до оние кои денес имаат именден. При тоа изрази благодарноста до оние кои придонесоа ова евхаристиско славење да биде посвечено.

Потоа се осврна на светите Петар и Павле, она што ги врзува двајца апостоли, а тоа е - рече епископот -  нивното исповедање на верата во Исус Христос и секој на свој начин ја запечати со својата крв за време на прогонствата на Нерон во Рим.

Потоа истакна три изјави на Исус од Евангелието наменето за празникот. Кога Исус го постави прашањето до своите ученици :А вие, што мислите, Кој сум Јас“ (Матеј 16,15), настанала тишина додека учениците размислувале, Петар ја дал својата голема исповед: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог“ (Матеј 16,16). Срцето на Исус особено било трогнато кога Петар го препознал како Христос и Син Божји. Во тој миг, Исус се уверил дека е на вистинскиот пат. Ова му дало уверување дека барем еден ученик ја разбира неговата вистинска природа и мисија. Втората изјава на Исус до Петар се однесува на зборовите: „А Јас тебе ти велам: ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам Црква Своја, и вратите на пеколот нема да надвладеат“ (Матеј 16,18). Исус му објавува на Петар дека ќе има основна улога во воспоставувањето на Христовата Црква и третата изјава се однесува за клучевите на небесното царство кои му ги дава на Петар; за сврзувањето и разрешувањето на небото и земјата (сп. Матеј 16,19) – рече монсињор Стојанов.

Зборувајќи за преобраќањето на свети Павле при средбата со Исус на патот кон Дамаск, која радикално го променила текот на неговиот живот, повикувајќи се на зборовите од Посланието до Галатјаните: „Јас живеам, но веќе не јас, туку Христос живее во мене“. А тоа што сега живеам во тело, живеам со верата во Синот Божји, Кој ме возљуби и Себе се предаде за мене“ (Галатјаните 2,20), рече дека тие зборови на апостол Павле најдобро ја отсликува неговата преданост кон Христа. Затоа, Павле повеќе не живее за себе, за својата праведност. Тој живее од Христос и со Христос целосно дарувајќи себе.

Опишувајќи ги нивните карактери и главни црти од нивните животи истакна дека токму сега, неопходно е да се потсетиме на спасоносната универзалност на Исус Христос и поврзаната улога на Црквата во денешниот свет. Светите Петар и Павле не се воздржуваа да сведочат среде паганскиот и многубожечки свет дека освен во Исус Христос „во никој друг нема спасение; зашто под небото нема друго име дадено на луѓето, преку кое би можеле да се спасиме“ (Дела 4,12).

Проповедта ја заврши со зборовите: Нашиот Господ ѝ ја довери на Црквата ризницата на верата, која со помош на Светиот Дух свето ја чува објавената вистина, подлабоко ја истражува, верно ја објавува и толкува и го проповеда Евангелието на сите. Дел од нејзиното учење е и божественото потекло на власта на римскиот првосвештеник, во кој продолжува службата што Господ му ја доверил на Петар и која се пренесува на неговите наследници, како и потеклото на власта на епископите, наследници на апостолите. Она што Црквата учи за наследувањето на светите апостоли е во служба на мирот, љубовта и единството на Божјиот народ. Затоа сме повикани, исто како и светите Петар и Павле, да пристапиме кон тајната на Црквата со вера, тргнувајќи од Божјото слово и провидност, а не од нашите ограничени човечки судови. Само така ќе растеме како заедница на верници и ќе си помагаме да бидеме она што сме повикани да бидеме, секој во својата мисија и со своите обврски. Сите нека нè следи посредништвото на светите апостоли Петар и Павле и сите да добиеме дел од нивниот Дух и големата љубов кон Господа, која тие ја запечатија со мачеништво.

На крајот од светата Литургија следуваше молитва за потполн опрост, а заврши со многаја лета и заедништво.

14 јули 2024, 17:00