ҽ

2024.05.27  Bishop Stojanov served a Holy Liturgy for Macedonian believers in Germany

Епископот Стојанов служеше света Литургија за верниците Македонци во Германија

Во сабота 25 мај 2024 година Скопскиот бискуп и Струмички – скопски епарх монсињор Киро Стојанов за верниците од Македонија, кои живеат и работат во Германија, служеше света архиерејска Литургија во црквата „Свети Ѓорги“ во Ајтерфелд, бискупија Фулда/Германија.

Во сабота 25 мај 2024 година Скопскиот бискуп и Струмички – скопски епарх монсињор Киро Стојанов за верниците од Македонија, кои живеат и работат во Германија, служеше света архиерејска Литургија во црквата „Свети Ѓорги“ во Ајтерфелд, бискупија Фулда/Германија. На светата Литургија со епископот сослужуваше протојереј отец Гоце Костов, а ѓаконираше ѓаконот Петре Ичев. На светата Литургија присуствуваа верници Македонци од околината на Фулда, Касел и Франкфурт, Дармштад, Висбаден, Бад Херсефелд и други места.

На почетокот од својата проповед епископот Стојанов изрази благодарност за можноста денес да ја служи оваа света Евхаристија, во чест на Светите Кирил и Методиј со верниците од Македонија кои живеат и работат во Германија.

Зборувајќи за Светите Браќа Кирил и Методиј тој истакна дека двајцата потекнуваат од Македонија и се испратени да го навестат Евангелието меѓу словенските народи, нагласувајќи го фактот дека во Македонија живее силен дух на почитување на Светите Браќа, а пред сè нивните ученици од кои на двајца од нив се и гробовите во Македонија. Оттука сум радосен што можам да ви го пренесам и благословот Свети Климент и Свети Наум – рече монсињор Киро Стојанов. Понатаму се осврна и на чествувањето на Свети Кирил во Ватикан, при што Црковна и државна делегација од Македонија овие денови го посетија и гробот на Свети Кирил во Рим, а беа примени на аудиенција и од Светиот Отец папата Фрањо. 

Осврнувајќи се на Иван Павле II кои ги прогласи копатрони-созаштитници на Европа заедно со Свети Бенедикт рече дека токму тој во осумдесетите години од минатиот век сакал да го посети Охрид и да го упати своето слово од местото каде се среќаваат културите на исток и запад и каде се наоѓа лулката на словенската писменост. 

Одговарајќи на прашање што е култура рече дека тоа се вредности според кои поединец или заедница живеат. Споредувајќи во времето во кое живееле Светите Браќа истакна дека времето на дејствување на Светите Браќа било време на евангелизација на Европа, раст и културен развој на нашите народи. Денес, ние сме сведоци на деевангелизација на Европа или поразбирливо рушење на вредностите кои се вечни и апсолутни. Веќе со појавата на материјализмот нашата култура влезе во криза, бидејќи зборот култура доаѓа од култот, односно почитување и затоа се прашуваме на кого и на што современиот човек се клања и каква вредност има неговиот култ. Јасно ни е дека тоа денес се парите, кариерата, уживањето и конзумизмот. Што значи, се наоѓаме во разградување – рушење на вредностите во човекот и затоа не е повеќе вредност човекот, барем не духовното, туку вредноста станала нешто на што човекот робува и не е слободен. Претчувствуваме време кога човекот – а негде веќе е – ќе биде само бројка или дури предмет.

Зборувајќи за живата вера која е дар од Светиот Дух истакна дека сме повикани и испратени да бидеме Апостоли и дека тоа не е „работа“ само на владиците и свештениците, туку е звање и послание и на секој верник да ја пренесува верата.

Одговарајќи на прашањата што од вас како верници, Македонци, очекува Бог, Црквата, историјата, татковината истакна дека Бог очекува верност и соработка и како нема верник без морал, без совест, без љубов и без жртва.

Во однос на прашањето што очекува Црквата рече дека најпрво треба да бидеме Црква, што не е само декларација и изјава на припадност, туку тоа пред сѐ е активно градење на заедништвото на темелите на светото Евангелие, кои никогаш не се до крај доживеени или застарени. Тие секогаш се современи, бидејќи се живот – рече владиката Киро.

Понатаму рече дека историјата од нас очекува да не бидеме ни предавници ни затајувачи на својата вера. Вие сте Македонија, дури и ако раселена, вие сте гласот на верата (...) Останете верни на својата Црква која во Светите Тајни ве препороди, пренесувајте ја одговорно таа вера на своето потомство како најголема вредност. 

Својата проповед ја заврши со одговорот на прашањето што од очекува од нас Татковината Македонија и рече: Таа сака да биде горда на вас, како своја мајка и татко. Ве прегрнува и чека на вас. Нејзе секогаш можете да и се вратите, бидејќи во неа сте секогаш дома. Не судете ја својата Татковина, туку сакајте ја. Има прекрасна историја, втемелена на христијанството кое преку апостолот на народите свети Павле и светите браќа светите Кирил и Методиј се шири во Европа, бидете горди на својата Татковина и останете и верни во секој поглед. Денес луѓето се помалку читаат книги, ама се повеќе го читаат твојот и мојот живот. Секој кој ќе ве сретне во животот и овде далеку од својата Татковина лесно нека ве препознае и нека каже: Овој е Македонец, Македонка: бидејќи Македонија ви е во срце, а христијанството препознатлив знак на силната вера во Христа распнатиот и воскреснатиот.

По завршување на светата архиерејска Литургија во парохиската сала на парохијата Ајтерфелд беше организирано агапе, а епископот Стојанов се задржа во разговор и заедништво со верниците.

 

27 мај 2024, 14:19