Скопје: Одбележан денот на лицата посветени на Бога
о. Гоце Костов
Во сабота 3 февруари 2024 година во Катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје се одржа духовна обнова за лицата посветени на Бога, а по повод Денот на посветениот живот, која ја предводеше патер Томислав Рукавина СЈ. На средбата присуствуваше монс. Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко - скопски епарх, бискупскиот канцелар протојереј ставрофор отец Марјан Ристов, катедралниот парох патер Винко Маслаќ СЈ, дон Томаш Бак, членови на монашките заедници во Македонија и црковните движења.
На почетокот од средбата Томислав Рукавина одржа духовно предавање, во кое зборуваше за поврзаноста на Божјото срце со човечкото срце, а потоа во размислување и обожавање на Светата Евхаристија присутните имаа можност и за света Исповед.
Светата Литургија ја предводеше бискупот Стојанов, кој одржа и пригодна проповед осврнувајќи се на Евангелието од Марко за евангелскиот пасус во кој се опишува како учениците се враќаат од своето послание и со воодушевување го известија Учителот сè што направиле, и на што поучувале, по што Исус ги повика да појдат на осамено место и да се одморат малку.
Во продолжение епископот Стојанов зборуваше за важноста на одморот истакнувајќи дека и денес лицата посветени на Бога неопходно е да имаат одмор по примерот на Исус додавајќи дека духовната личност ако внатрешно е празна, истрошена, ако нема духовна свежина и духовно богоатство,тогаш не може да ги освежи оние кои му се доверни, ниту пак може да ги збогати со потребната духовна содржина. Затоа епископот Стојанов ги повика лицата посветени на Бога заслужениот одмор да го искористат за надополнување на духовните крепости за да можат да одговорат на поголеми духовни потфати. Тој додаде дека едноставноста, скромноста и духовноста треба да бидат каркатеристиките на посветените лица, кои ќе ги привлечат луѓето кон Бога.
Епископот Стојанов на крајот ја искажа својата блгодарност до сите присутни за нивната пожртвуваност за духовниот, пасторалниот и каритативниот придонес на ова стадо, кое е надалеку препознатливо и на крајот препорача: Продолжете да бидете вистинскои Божји сведоци!
Средбата продолжи со агапе и заедништво.