На Богојавление епископот служеше во парохијата „Раѓање на свети Иван Крсител“ во Струмица
Со епископот сослужуваше протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, Декан на деканатот Свети Кирил и Методиј, Директор на Макеоднски Каритас и ректор на светилиштето во Паљурци, протојереј отец Гоце Костов парох и Директор на Радио Марија и струмичкиот капелан о. Трајче Ташев. Кон крајот од светата Литургија епископот Стојанов изврши богојавленски водосвет.
Во својата проповед тој најпрво ги поздрави присутните, а потоа осврнувајќи се на празниците Раѓање Христово и Богојавление истакна дека на самиот почеток во очи ни паѓа фактот дека во Исусовата биографија има една празнина од триесет години и рече дека тоа се скриените години од животот кога Исус ја живееше својата човечност како и сите други луѓе, додека Неговата божественост беше скриена.
Понатаму монсињор Стојанов зборувајќи за старозаветните пророштва истакна дека во времето на Исус луѓето очекувале дека Бог ќе ги исполни своите ветувања, па така некои очекувале ослободување од Римјаните и формирање на своја држава, додека пак други очекувале, апокалиптична катаклизма и додаде дека Исус не се осврнува ниту на едната ниту на другата струја, не се заканува со сила и со уништување на светот. Тој се појавува заедно со луѓето кои се подготвени за преобраќање и простување на гревовите.
Понатаму зборуваше за средбата на Иван Крстител со Исус на реката Јордан, каде Господ ќе дозволи да биде крстен, со што нагласи епископот Стојанов, Исус го напушта мирниот живот во семејството Назарет, го напушта столарскиот занает, бидејќи отсега не му припаѓа само на своето семејство, Тој од сега натаму му припаѓа на целиот свет, посветувајќи се на поучување на народот. Отсега натаму, тој дејствува како Месија, делува како Син Божји кој ја врши Божјата волја во сè и рече дека во таа смисла треба да ги разбереме и зборовите на Исус упатени до Иван дека „ни претстои да ја исполниме сета правда“.
Тој додаде дека исполнувањето на праведноста и законот, не е во надворешното почитување на одредбите за кои се залагале фарисеите, туку пред сè, во праведноста на срцето. Неправдите извираат од срцето, дури и оние кои можат да бидат покриени со совршени закони. Спомнувајќи го свети Августин и неговото големо дело дело „Civitas Dei“ во кое тој спомнува дека дури и држава со совршени закони може да биде како „разбојничка банда“ ако не се заснова на нешто поголемо, односно на Божјата правда. Од тука поставувајќи го прашањето за тоа која е Исусовата програма, епископот Стојанов за одговор се послужи со зборовите на пророкот Исаија: Неговата задача е да воспостави правда, да биде светлина за народите, да биде око за слепите, да лекува болни, да ги подига скрушените по срце, да ги ослободи затворените, да ја проповеда благопријатната година Господова (сп. Исаија 61,2) и додаде дека основното правило на Божјата правда е љубовта.
Осврнувајќи се на Исусовото Крштение во реката Јордан, но и нашето крштение истакна: Како што Исусовото крштевање беше почеток за јавно извршување и исполнување на волјата на Отецот, така и нашето крштевање претставува не само почеток на христијанскиот живот, туку и трајна обврска тој живот да се усогласи со оваа тајна. Крштевањето трајно нè потсетува на она што сме го примиле при крштевањето и на она што треба да останеме: возљубени деца Божји!
На крајот од проповедта рече: Да даде Господ, секој од нас, на крајот од својот живот, да го слушне гласот на Отецот: Ти беше мој во животот! Ти тргна по мојот пат! Ти припаѓаше на мене и сметаше на мене! Влези во радоста на својот господар! Нека така биде – рече на крајот владиката Стојанов.