Одржана првата видео катехеза на епископот Стојанов
На почетокот од својата прва катехеза бискупот Стојанов ја изрази својата радост што може на овој начин заедно со верниците да се подготвува за празникот Раѓање Христово – Божиќ и воедно ги поздрави и заблагодари на заедништвото, надевајќи се дека овие неколку катехези ќе помогнат подлабоко да се навлезе во таинството на Божјото доаѓање.
Во првата катехеза тој се осврна на доаѓањата Христови, имено неговото Воплотување, неговото доаѓање и присутност во нашиот секојдневен живот и последното и славно доаѓање на крајот од времињата.
За првото Христово доаѓање, бискупот Стојанов истакна дека за нас е познато како Раѓање на воплотеното Слово, Божиќ или Рождество Христово, кое всушност ги отвори вратите за Неговото секојдневно доаѓање и присуство во Неговото мистично Тело Црквата, како и за неговото повторно и славно доаѓање на крајот од времињата.
Епископот Стојанов истакна дека е неопходно како христијани да навлеземе во длабочините на ова таинство и да ја спознаеме Тајната на откупувањето и спасението и праша: Дали ова таинство го препознаваме како знак на неговата понизна и неизмерна љубов кон нас?
Зборувајќи за Христовото доаѓање и присутност во нашиот секојдневен живот, посебно преку Светата Евхаристија, каде Христос ни доаѓа во вид на леб и вино – како храна за нас истакна: „Многу е сликовито што Исус Христос при своето прво доаѓање бил положен во јасли, а знаеме јаслите се сад за храна. Витлеем во превод значи Куќа на лебот! А Исус е лебот кој слезе од небото, лебот на вечниот живот. (...) Но Христос доаѓа и преку сите останати свети Тајни на Црквата, Светото Писмо, молитвата, делата на милосрдие...“
Потоа епископот Стојанов праша: Дали му дозволуваме на Исус редовно да доаѓа кај нас преку овие благодатни средства на Црквата. Дали одиме редовно, повремено или воопшто не одиме на неделна Литургија? Како се ползуваме од другите Свети Тајни?
Понатаму монс. Стојанов зборуваше за Христово последно и славно доаѓање кога нашиот Господ ќе дојде во слава за да им суди на сите народи, но и на секој од нас, поединечно и истакна дека Црквата нѐ повикува да ги земеме предвид последните работи: смрт, суд, рај или пекол и размислувајќи за овие овие последни работи да сфатиме што навистина е важно во животот, а што не.
Размислувајќи за последните работи епископот Стојанов рече: Нормално е христијанинот да посакува што поскоро да се сретне со Христос во вечноста. Помислата за вечниот и праведен суд дава и надеж, посебно за оние кои биле третирани неправедно и лошо во животот: Бог тоа го гледа и тоа ќе го исправи. Човекот со вера веројатно ќе гледа на неговиот последен суд на сличен начин како што некој го чека резултатот од важен испит за кој се потрудил и е доста самоуверен дека ќе успее, но и малку нервозен.
Завршувајќи ја својата прва катехеза епископот Стојанов истакна дека денес е многу тешко да се подготвиме за Божиќ, гледајќи го светот околу нас во консумеризам и материјализам и рече дека затоа светата Црква ни го дава ова време на подготовка за да ги пронајдеме орудијата кои Црквата ни ги нуди и да се заштитиме од Божиќ кој го слави светот, без Христос и да се сообличиме со Христовата понизност. При неговото последно и славно доаѓање Господ Исус Христос нека нѐ најде подготвени и со радост да го пречекаме – истакнува бискупот Стојанов на крајот од својата кaтехеза.