ҽ

2021.11.21 Pastoral visit of Msgr. Tomo Vuksic, archbishop of Sarajevo in Bosnia Herzegovina, to the Church in North Macedonia

Епископот Стојанов на празникот Свети Климент Охридски служеше во Стојаково

На празникот Свети Климент Охридски, 8 декември 2023 година, во црквата во Стојаково која е посветена на овој македонски светител, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов служеше света архиерејска Литургија во заедништво со свештеници од епархијата

На празникот Свети Климент Охридски, 8 декември 2023 година, во црквата во Стојаково која е посветена на овој македонски светител, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов служеше света архиерејска Литургија во заедништво со свештеници од епархијата: протојереј ставрофор отец Зоран И. Стоајнов – Декан на декантот Свети Кирил и Методиј, директор на Македонски Каритас и ректор на светилиштето во Паљурци, протојереј ставрофор отец Тома Ангел – парох во Богданци и Стојаково, протојереј ставрофор отец Марјан Ристов - епархиски канцелар, протојереј отец Гоце Костов парох во „Раѓање на Свети Иван Крстител“ – Струмица и директор на Радио Марија, отец Оливер Тантушев  - парох во Охрид, отец Ристо Самарџиски - парох во Гевгелија, отец Илија Стојанов – парох во Радово, отец Ванчо Назов – парох во Сарај и Чанаклија и отец Атанас Сирачев – капелан во Радово.

На светата Литургија присуствуваа сестри Евхаристинки од Гевгелија и Радово со нивната провинцијална настојателка сестра Бернардина Сирачева, верници од Стојаково, Богданци, Гевгелија и други места.

На почетокот од својата проповед епископот Стојанов се заблагодари на парохот отец Тома Ангелов за можноста да имаат евхаристиско заедништво во црквата посветена на Свети Климент Охридски и воедно ги поздрави присутните свештеници, чесни сестри и верници, честитајќи го патрониот празник на заедницата во Стојаково.

Во својата проповед епископот Стојанов се осврна на Евангелието за Добриот Пастир, посветено за празникот на светителот при што рече: Евангелието ни го претставува Исус како Добриот Пастир кој се борел за своето стадо во смртна борба, се борел да го заштити, да му даде живот, и тоа живот, во изобилие, што на крајот го постигнал со своето воскресение.

Во продолжение тој истакна дека за пастирот не е важен бројот на стадото, не ги смета за бројки, туку ги знае своите овци по име, затоа што бројките се безначајни и додаде дека големината и славата на овчарот не зависат од бројната состојба на стадото, како што и силата на самото стадо не лежи во бројот на овците, туку од силата на пастирот, неговата способност и одлучност, исакнувајќи дека силата на Црквата е во силата на воскреснатиот Христос – Добриот Пастир.

Владиката Стојанов повика да молиме Господ да ѝ дарува на Црквата такви пастири кои по примерот и силата Христови ќе го штитат стадото, одејќи пред своето стадо, среќно да се стигне во вечниот живот.

Проповедта епископот Стојанов ја заврши со зборовите: „Затоа да се чествувањето на такви пастири како Свети Климент папа Римски и Свети Климент Охридски не охрабрува да не се плашиме од животот. Тоа нѐ поттикнува  да ја положиме нашата доверба во Господа Бога“, повикувајќи иднината да ја гледаме со љубов и доверба во Господа Бога, како што беа и нашите заштитници Свети Климент папа Римски и Свети Климент Охридски.

На крајот од светата Литургија отец Тома Ангелов, парох во Богданци и Стојаково се заблагодари на епископот Стојанов за неговата пастирска грижа, на присутните свештеници, чесни сестри и верници, како и на оние кои го организираа агапето во дворот на црквата.

09 декември 2023, 15:49