ҽ

2023.12.04 Pastoral Epistle of Bishop Kiro Stojanov on the occasion of five years since the inauguration of the Eparchy "Strumica - Skopje - Assumption of the Blessed Virgin Mary"

Пастирско послание на епископот Киро Стојанов по повод пет години од инаугурацијата на Струмичко – скопската „Успение на Пресвета Богородица“

Епископот Стојанов на петтата годишнина од инаугурацијата на Струмичко – скопската „Успение на Пресвета Богородица“ упати пастирско послание кое го пренесуваме во целост

Драги браќа свештеници, чесни сестри, браќа и сестри во Христа!

Исполнет со голема радост ви го пишувам ова мое послание по повод 5 година од основањето на нашата Епархија „Струмичко – скопска - Успение на Пресвета Богородица“, односно на 31 мај 2018 година кога беше обелоденето дека Светиот Отец папа Фрањо со посебен акт ја основа нашата Епархија. Моите мисли со благодарност ги упатувам на свечената инаугурација на 2 декември 2018 година во катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица, на која присустваа тогашниот префект на Конгрегацијата за Источни цркви, кардинал Леонардо Сандри и голем број епископи и свештеници, како и претставници на цивилните власти.

Чувствувајќи должност како ваш пастир да се заблагодарам на Бога, што ја излеа својата благодат врз овој наш верен народ да ја спознае Светлината на Евангелието, на Светиот Отец што ја институционализира Црквата во Македонија, но и на сите вас, драги свештеници, чесни сестри и верници, кои го дадовте својот придонес - со навестување, пожртвуваност и молитва - во развојот на оваа наша помесна Црква.

Божјиот народ е повикан на постојано патување, како што беше случајот со Авраам, кој ја напушти својата родна земја и се упати во Ветената земја, како Мојсеј на кого Бог му довери послание да го изведе Израелскиот народ од египетското ропство. А Бог постојано ги придружуваше. И Господ Исус Христос патуваше од едно до друго место за да го исполни своето послание за спасение на светот.

Можеме да забележиме дека Бог продолжува да патува со својот народ, тој оди и со нас во ова наше динамично, немирно и неизвесно време, кога војните, технологијата, глобализацијата, напредната секуларизација го менува начинот на живот и нѐ соочува со нови предизвици. Благодарни сме на Бога и за тешкотиите и благословите во овие пет години, но и за предизвиците со кои ќе треба во иднина да се сочиме како Црква, затоа што само така растеме во искуството на верата.

Основањето на епархијата пред пет години од страна на Светиот Отец, папата Фрањо е едно ново поглавје во животот на нашата локална Црква, но и воедно едно ново патување на Божјиот народ со предизвиците на денешницата, кои од нас христијаните бара верно да продолжиме да одиме заедно, едни со други да си помагаме во заедничкото послание, за да може светот да препознае дека она што го бара, за што копнее и на што се надева, може да го најде токму тука, во Христос нашиот Господ и неговото мистично Тело, Црквата.

Осврнувајќи се на историјата на нашата помесна Црква должно е да се потсетиме на нашите претходници: епископи, свештеници, чесни сестри, мајки и татковци, баби и дедовци, без чија вера и верност, ревност и храброст, понизност и великодушност, немаше да можеме да стигнеме до тука, да не бевме носени од нивната верата.

Евхаристијата е нашата благодарност кон Бога. Затоа сакам да ве повикам во недела 3 декември 2023 година светата Литургија да ја славите со Божјиот народ во знак на благодарност на Бога и за благослов на Епархијата.

Пресвета Богородица, заштитничка на Епархијата нека се застапува за сите вас кај својот Син, а наш Господ Исус Христос и нека ни го покаже патот до спасението.

Препорачувајќи ја во вашите молитви Епархијата, но и самиот себе, упатувам Божји благослов на сите вас.

Ваш епископ

+Киро Стојанов

04 декември 2023, 08:27