ҽ

Palestinians inspect the site of Israeli strikes in Khan Younis

Папата моли за Украина, Израел и Палестина: Војната е секогаш пораз

По катехезата на Генералната аудиенција одржана во среда 6 декември 2023 година во салата Павле VI, папата Фрањо ја заврши аудиенцијата спомнувајќи ги оние кои страдаат поради конфликтите кои зафаќаат различни области во светот и повторно истакна дека единствено од војната добиваат производителите на оружје.

Папата Фрањо, кој сè уште се опоравува од бронхитисот, својата катехеза и поздравите до ходочесниците од целиот свет ги довери на монсињор Филипо Чампанели, службеник во Државниот секретаријат, но тој имаше сила лично, со неговиот глас, да ја потврди неговата близина со сите во светот на кого му е потребен мир:

Да не заборавиме да молиме за оние кои страдаат поради трагедијата на војната, посебно за населението во Украина, Израел и Палестина. Војната е секогаш пораз. Никој не победува, сите губат. Корист имаат само производителите на оружје.

Посебно во однос на Украина, Римскиот бискуп им се обрати на полските ходочесници, потсетувајќи ги на Денот на молитва и материјална помош за Црквата на Исток, кој се одбележува следната недела, и им се заблагодари на сите кои - како што рече - ја поддржуваат Црквата во тие области со нивните молитви и дарови, посебно во напатената Украина.

Охрабрување за соработка за жртвите во Акапулко

Освен тоа, Светиот Отец ги поттикна членовите на Fundacion Telethon од Мексико, присутни во салата Павле VI, да соработуваат за помош на настраданите во Акапулко, кој пред повеќе од еден месец беше тешко погоден од ураганот Отис, и да ги вклучат сите лица со посебни потреби. Се бориме против општеството на отфрлањето, го штитиме достоинството на секој човек – поттикна Папата.

Да учиме од Марија потполно да се надеваме на Господ

Спомнувајќи на крајот за празникот Безгрешно зачнување на Блажена Дева Марија, кој се празнува за два дена, папата Фрањо истакна дека Богородица верува во Божјата љубов и одговори со своето „да“. Учете од неа - поттикна Петровиот наследник - потполно да се надевате на Господа за да бидете насекаде сведоци на доброто и евангелската љубов.

09 декември 2023, 15:38