ҽ

2023.12.23 Messaggio di Natale del vescovo Kiro Stojanov

Божиќна честитка на Н.В.П д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх

По повод празникот Рождество Христово, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов упати божиќна честитка која ви ја пренесуваме во целост:

 

[ Video Embed: https://www.youtube.com/watch?v=8zdVbMZF5os]Драги браќа и сестри!

„И Словото стана тело и се всели меѓу нас“ се зборови на свети Иван евангелист, што многу често ги изговараме во молитвата Ангел Господов. Станува збор за божественото Слово, Логосот, Синот Божји, кој е единосуштен со Отецот и кој е поврзан со Него во единството на Светиот Дух. Ова Слово, кое е од векови и според кое е создадено сè што живее и постои, се воплоти и се всели меѓу нас. Бог ја зеде човечката природа и стана еден од нас за да ни биде блиску и да не поврзе уште поблиску до себе, откако по наша вина се оддалечивме од Него. Бесмртниот Бог ја зеде човечката природа, зеде лик на слуга, за да нè направи негови синови и ќерки, кои бевме слуги на гревот и поради кои бевме предадени на смртта.

Бог доаѓа во светот како Дете. Дали ќе го примиме Божјиот Син? Дали ќе го примиме Детето Исус кое се наоѓа во јаслите и кое сака да нè обдари со својата љубов? Можеби ќе кажеме: Тоа секако го правиме, затоа што го празнуваме празникот Рождество Христово - Божиќ! Но, примањето на Исус бара повеќе: Треба вистински да веруваме во Спасителот на луѓето. Верата е непоколебливост на нештата на кои се надеваме, убедување во работи што не ги гледаме. Верата значи прифаќање на сведоштвото на Бога кој не сака и нема да нè изневери, бидејќи Бог е вистински и свет. Кој верува, тој се надева на Бога безусловно. Тој е подготвен да му го даде животот, да се потопи во него со сите нишки на неговото срце. Дали сме подготвени за таква вера во воплотениот Божји Син?

На сите ви посакувам среќен празник Рождество Христово – Божиќ! и благословена Нова Година!

На сите ви посакувам среќен Божиќ и благословена Нова Година!

Христос се роди!

Со благослов Ваш епископ/бискуп

+ Киро Стојанов

23 декември 2023, 13:11