ҽ

Papa: rientrato a Roma

Папата со новинарите: Војната во Газа е премногу, не се преземаат чекори за мир

На повратниот лет на крајот од своето 45-то апостолско патување, папата Фрањо одговараше на новинарски прашања и се осврна на ситуацијата во Газа и претседателските избори во Соединетите Американски Држави. Го осуди абортусот и одбивањето на мигрантите и изрази позитивен став во однос на дијалогот на Светиот Престол со Кина.

Осврнувајќи се на неговата посета на Сингапур, Папата ја истакна меѓурелигиската средба на која учествува како „модел на братство“ и дека бил импресиониран од културата. Секогаш има што да се научи, бидејќи секој човек и секоја земја има различни богатства, рече тој, посочувајќи дека видел многу деца во Источен Тимор, додека во Сингапур имало помалку, што може да поттикне на размислување. Иднината е во децата“, посочи Петровиот наследник. Зборувајќи за Индонезија, тој се осврна на важноста на социјалната наука на Црквата во обезбедувањето комуникација меѓу различните сектори на општеството. Во сите земји што ги посетил уметноста била многу развиена и вели дека бил особено импресиониран од Ваним во Папуа Нова Гвинеја.

На прашањето за односите со Кина, Папата изрази задоволство од дијалогот меѓу Светиот Престол и Кина за именувањето епископи. Тој, исто така, изрази желба еден ден да ја посети Кина, додавајќи дека тоа е земја со „древна култура, со способност за дијалог за меѓусебно разбирање што ги надминува различните системи што ги имала“. Верувам дека Кина е ветување и надеж за Црквата, рече Папата.

На прашањето за неговата порака до католиците во САД во врска со претседателските избори, Папата рече дека тој не е американски државјанин и дека нема да гласа, но дека треба да биде јасно дека е спротивно на животот да се залагаме за абортус, како и протерувањето на мигрантите. „Да се ускрати можноста за работа и прифаќање на мигрантите е грев, тежок грев“, рече тој. Понатаму, абортусот е убиство без разлика „дали ви се допаѓа зборот или не“, рече Папата, додавајќи: „Црквата не е затворен ум бидејќи го забранува абортусот; Црквата забранува абортус затоа што со него се убива“.

Папата им рече на новинарите дека секој ден се јавува во Газа, каде што има парохија со училиште каде христијаните и муслиманите живеат како браќа и сестри. „Ми раскажуваат страшни приказни, страшни работи“, рече тој. „Понекогаш се вели дека ова е одбранбена војна, но понекогаш верувам дека е војна... премногу, премногу. Се извинувам што го кажав ова, но не гледам дека се прават чекори за мир“, рече Папата, повторувајќи дека војната е секогаш пораз.

Запрашан зошто во Сингапур не зборувал за смртната казна, која се уште е во сила во таа земја, Папата одговори дека тоа не му паднало на памет, но смртната казна мора да престане и дека не е во ред.

Осврнувајќи се на ситуацијата во Венецуела, Папата рече дека не може да даде политички став бидејќи не ги знае деталите, но дека диктатурите за ништо не служат и дека порано или подоцна лошо завршуваат. Владата и народот мора да направат се што можат за да го пронајдат патот до мирот. Што се однесува до неговата посета на Аргентина, тој рече дека би сакал да оди, но се уште не е одлучено. На крајот зборуваше за климатската криза, истакнувајќи дека има впечаток како на овој план „многу се зборува, но малку се делува“.

14 септември 2024, 17:19