ҽ

PALESTINIAN-ISRAEL-CONFLICT

Папата Фрањо моли за воените подрачја и поттикнува дијалог и преговори

Блискиот Исток, Палестина, Израел, напатената Украина, Мјанмар: ова се областите кои Папата ги спомна со особена загриженост во неговото пладневно обраќање по молитвата Ангел Господов. Тој повторно поттикна на доверба во дипломатијата и воздржување од насилни акции и реакции. Потсети и на мачениците од Конго кои оваа недела беа прогласени за блажени. На крајот посебно ги поздрави ходочесниците собрани во полското светилиште Пиекари Шлаские

Апелите за мир во подрачјата во светот опфатени со конфликти одекнаа, во недела 18 август 2024 година, од плоштадот Свети Петар, каде во својот пладневен говор по молитвата Ангел Господов, папата Фрањо уште еднаш посвети мисли на народите кои не успеваат да живеат во хармонија.

Посветеност на дијалог и преговори

Во срцето на Папата не е само ситуацијата на Блискиот Исток и Украина, туку и тензиите кои не стивнуваат во Мјанмар, поранешна Бурма. За секој регион каде што нема мир, Папата поттикна на молитва:

Молиме и понатаму да се отворат патиштата за мир на Блискиот Исток, во Палестина, во Израел, како и во напатената Украина, во Мјанмар и во секое воено подрачје, со посветен дијалог и преговори и со воздржување од насилни акции и реакции.

Примерот на мачениците од Конго нека го подржи мирот

Веднаш по молитвата, Светиот Отец ја спомена беатификацијата во Увира, Демократска Република Конго, каде што непосредно пред молитвата Ангел Господов заврши свечената Литургија, при што италијанските ксавериски мисионери Луиџи Карара, Џовани Дидоне и Виторио Фацин, како и Алберт Жуберт, конгоански свештеник, се издигнати на олтарот, убиени на 28 ноември 1964 година.

Нивното мачеништво беше кулминација на живот поминат за Господ и за браќата. Нивниот пример и нивното посредување нека ги поддржуваат патиштата на помирување и мир за доброто на конгоанскиот народ.

Поздрав до ходочесниците во светилиштето Пиекари Шлаские

На крајот, Папата упати посебна поздрав, придружена со апостолски благослов, до жените и девојките собрани во светилиштето Пиекари Шлаские во Полска: „Ги охрабрувам радосно да го сведочат Евангелието во семејството и во општеството“. Споменатото светилиште е место на маријанска побожност уште од 17 век. Според традицијата, машкото ходочестие се одржува во мај, а женското во август. Светата Литургија ја водеше кардиналот Герхард Милер, кој во својата проповед зборуваше за сцената на жените под крстот и истакна дека стоењео под крстот го прави вистинскиот христијанин.

19 август 2024, 10:59

Што е Ангел Господов

Ангел Господов е молитва која се моли три пати на ден во спомен на вечната Тајна на Овоплотување: во 6 часот наутро, точно напладне и навечер околу 18 часот, во моментот кога бие камбаната за Ангел Господов. Името Ангел Господов произлегува од првиот стих на молитвата – Ангел Господов ја поздрави Марија – која се состои од кратко читање на три едноставни текста кои се однесуваат на Овоплотувањето на Исус Христос и молење на три Радувај се Маријо. Оваа молитва ја моли Папата на плоштадот Свети Петар точно напладне во недела и за време на големите празници. Пред молењето на Ангел Господов, Папата има и еден мал наговор поврзан од дневните читања. Потоа следат поздрави до поклониците. Од Велигден па сѐ до Духовден, наместо Ангел Господов се моли Царице Небесна, која е молитва во спомен на Воскресението Христово, на крајот од истата се моли три пати Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Последниот Ангел Господов / Царице Небесна

Прочитајте сé >