ҽ

2023.11.06 Manifestazione  "I Bambini incontrano il Papa"

Папата: Да не ги заборавиме малите на кои им е украдено детството

Објавена е пораката на папата Фрањо за првиот Светски ден на детето, кој ќе се одбележи во Рим на 25 и 26 мај. Во неа ги истакнува вредностите на споделување и простување: вака расте пријателството, со трпение, храброст, креативност и фантазија, без страв и без предрасуди

„Ете, сѐ ново создавам” (Откровение 21,5) е темата на Светскиот ден на детето, кој на барање на папата Фрањо за прв пат ќе се одбележи во Рим на крајот на мај. Нема ништо ново што не може да се поврзе со децата и нивниот транспарентен поглед на светот. Меѓутоа, има премногу очи кои го гледале и го гледаат најсуровото зло; затоа треба да се надомести за детството што им е одземено.

Жртви на суровост

Ова е повикот за собирот што папата Фрањо им го упатува на најмалите, кои на 25 и 26 мај ќе се соберат во Рим на првиот меѓународен настан посветен на нив. Пред се е апел да се солидаризираме со оние кои нема да можат да учествуваат, бидејќи се заробеници на нечовечки ситуации.

Не заборавајте на оние меѓу вас кои, уште како мали, се борат со болести и тешкотии, во болница или дома, оние кои се жртви на војна и насилство, оние кои страдаат од глад и жед, оние кои живеат на улици, оние кои биле принудени да бидат војници или побегнале како бегалци, одвоени од родителите, оние кои не можат да одат на училиште, оние кои се жртви на криминални банди, дрога или други форми на ропство, злоупотреба. Накратко, сите оние деца на кои се уште сурово им се краде детството.

Мали чекори го менуваат светот

Сите сте важни – пишува папата Фрањо – и сите ние сме „деца и браќа“, алки во многу долг синџир што оди од минатото кон иднината и ја покрива целата земја. Затоа – истакнува тој – ве советувам секогаш внимателно да ги слушате приказните на возрасните: на своите мајки, татковци, баби и дедовци, прадедовци! И пред сè, слушајте го првиот меѓу пријателите.

Со Исус, можеме да сонуваме за ново човештво и да се залагаме за општество со повеќе братство и внимание на нашиот заеднички дом, почнувајќи од едноставни работи, како што се поздравување на другите, барање дозвола, извинување, благодарност. Светот се менува првенствено преку мали нешта, не срамејќи се да се прават само мали чекори.

Пријателството нема страв или предрасуди

Папата потоа се осврна на вредноста на споделувањето. Никогаш не можете сами да бидете среќни– ги потсети Светиот Отец девојчињата и момчињата – затоа што радоста расте до тој степен што се споделува со другите. Тоа е затоа што секој е дар за другиот – потсетува Папата и додава: Убаво е да се забавуваме, сите заедно, да не оставаме никого зад себе. Но, ако не ги искористиме овие дарови за да бидеме заедно, секогаш ќе бидеме незадоволни и никогаш нема да имаме доволно.

Пријателството е убаво и расте само така, во споделување и простување, со трпение, храброст, креативност и фантазија, без страв и без предрасуди.

Убавината е во детските лица

Во последниот дел од пораката, папата Фрањо им доверува една „важна тајна“, имено дека за вистинска среќа потребно е многу да молиме, секој ден, бидејќи молитвата нè поврзува директно со Бога, ги исполнува нашите срца со светлина и топлина и помага да правиме се со доверба и смиреност. Папата препорачува тоа да се прави особено со молитвата Оче наш, молејќи ја наутро и секоја вечер во семејството, но не како формула, туку размислувајќи за зборовите што нè научи Исус, кој – како што посочува Папата нѐ повикува и сака со Него да бидеме протагонисти на тој светски ден, градители на нов, похуман, праведен и мирен свет. Папата Фрањо ја завршува својата порака предлагајќи молитва:

Дојди Свети Духу,
покажи ни ја твојата убавина
што се изразвуа на лицата
на девојчињата и момчињата на земјата.
Дојди Исусе,
Кој сѐ ново создаваш,
кој си пат што нè води до Отецот,
дојди и остани со нас.
Амин.

03 март 2024, 17:52