ҽ

Palm Sunday procession at Church of the Holy Sepulchre in Jerusalem

Кардиналот Пицабала повика на молитва за мир

„Навистина, сè потешко е да се замисли крај на овој конфликт, чие влијание врз животите на нашиот народ е поголемо и поболно од кога било досега. Сè потешко е да се најдат луѓе и институции со кои е можен дијалог за иднината и мирољубиви односи. Изгледа дека сите сме опфатени од оваа сегашност, измешана со толку многу насилство и, се разбира, гнев“, рече кардиналот Пицабала во повикот за молитва.

Кардиналот Пјербатиста Пицабала, латинскиот патријарх на Ерусалим, упати повик на празникот Вознесение на Пресвета Богородица да се моли за мир.

Посочувајќи дека поминале многу месеци од почетокот на „оваа страшна војна“, кардиналот Пицабала истакна дека страдањата предизвикани од овој конфликт и ужасот од она што се случува не само што не стивнуваат, туку изгледа дека повторно и повторно се подгреваат со омраза, огорченост и презир, кои само го засилуваат насилството и ја оддалечуваат можноста за изнаоѓање решение.

„Навистина, сè потешко е да се замисли крај на овој конфликт, чие влијание врз животите на нашиот народ е поголемо и поболно од кога било досега. Сè потешко е да се најдат луѓе и институции со кои е можен дијалог за иднината и мирни односи. Изгледа дека сите сме опфатени од оваа сегашност измешана со толку многу насилство и, се разбира, гнев“, истакна тој во повикот за молитва.

Изгледа, продолжи кардиналот, дека овие денови ни се важни за да успееме да го смениме текот на конфликтот, а меѓу нив особено 15 август, кој за нас е ден на празникот Вознесение на Богородица.

„Тој ден, пред или по евхаристиското празнување или во некое друго пригодно време, ги повикувам сите на момент на посредничка молитва за мир до Пресвета Богородица, која беше вознесена во небо. Сакам парохиите, контемплативните и апостолските монашки заедници и малкуте ходочесници кои се меѓу нас да се обединат во заедничката желба за мир која ѝ ја доверуваме на Пресвета Богородица“, нагласи.

По толку потрошени зборови и откако „направивме сѐ што можевме да помогнеме и да бидеме блиску до сите, особено со оние кои се најпогодени, не ни останува ништо друго освен да молиме. Имајќи ги предвид многуте зборови на омраза кои се изговараат премногу често, сакаме да ја упатиме нашата молитва која се состои од зборови на помирување и мир“, рече кардиналот Пицабала и предложи молитва на Вознесение на Богородица и повика оваа молитва да се упати на празникот.

„Се молиме во оваа долга ноќ што ја преживуваме, застапништвото на блажената Марија да отвори зрак светлина за сите нас и за целиот свет“, заврши латинскиот патријарх на Ерусалим, кардиналот Пицабала.

Молитвата за мир на Пресвета Дева Марија вознесена на небо

О, преславна Богородице,

издигната над ангелските хорови,

моли се за нас со свети архангел Михаил

и со сите ангелски небесни сили

и со сите светци,

на Својот Пресвет

возљубен Син, Господ и Учител.

Се молиме за оваа Света земја,

за сите нејзини деца

и за целото човештво

за дарот на помирување и мир.

Нека се исполни твоето пророштво:

нека се распрснат горделивите

во мислите на нивните срца;

нека се соборат моќните од нивните престоли,

и на крајот, понизните нека бидат воздигнати;

гладниот нека се насити со добрини,

мирољубивите нека бидат признати како Божји деца

и кротките конечно нека ја примат земјата како дар.

Ова нека ни го друва Исус Христос, твојот Син,

Кој денес те вознесе

над ангелските хорови,

те круниса со круната на неговото царство,

и те постави на престолот на вечниот сјај.

Само На Него нека е вечна честа и славата. Амин.

12 август 2024, 22:34